Во Македонија се случи „силување на демократијата и волјата на народот“, поради што Зоран Заев веќе нема легитимитет да зборува за правда и за правна држава, или, пак, за демократија или демократска држава, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Демократска и правна држава во која што се носат одлуки спротивно на уставот и јасно изразената волја на граѓаните на референдум, не постои! Демократска и правна држава во која што се одложува гласање се додека не се соберат гласови на пратеници кои се под закана на политички прогон, не постои! – изјави членот на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Димовски, на денешната прес-конференција.

Како што истакна Димовски, со ваквите потези на власта станува јасно дека во Македонија подолго време се подготвувал план со намера да се нарачаат политички конструирани обвиненија и притвори за 27 април, да се нарачаат монтирани предмети против деца на пратеници или да се ангажира специјалното јавно обвинителство да гони поранешна министерка за култура која е актуелен пратеник.

Раководството на СДСМ порачуваше дека Крсто Мукоски бил убиец кој морало да си лежи. „Ајде на здравје“ беше честитката од раководството на СДСМ за синот на пратеничката Авировиќ, а истите се радуваа и ликуваа што Елизабета Канчевска Милеска останала без пасош бидејќи таа била зло за Македонија. Истото тоа раководство на СДСМ сега побара и доби поддршка за антидржавните политики токму од овие пратеници кои најжестоко ги напаѓаше. Ова не се европски вредности и демократијата кон која што тежнее Македонија и македонскиот народ – изјави Димовски.

Вчера бевме сведоци на кршењето на европските вредности, на притисоци, уцени, па дури и сомнеж за корумпирање се со цел да се спроведе штетниот и капитулантски договор на Заев со кој се сруши интегритетот и суверенитетот и идентитетот на Република Македонија, изјави Димовски. Како што истакна тој, „вчерашниот ден ќе остане запомнат како црн петок. Најцрн и најсрамен ден, во кој ордите на Заев го претворија демократскиот храм во пазар со името на државата“.

Димовски додаде и дека „со закани или со пари како на тезга на пазар можеш да купиш неколку пратеници, но не можеш да го купиш народот и неговата душа. Тоа Заев, господата од СДСМ и нивните поддржувачи ќе го видат многу скоро.

Граѓаните јасно и гласно на референдум им кажаа дека се против капитуланскиот договор, а тие како однародени се решија за ЗА. Очајот и слабоста ги натераа да одат до крај со своите фалсификати, насилства и недемократски методи, но токму тоа ќе биде и нивниот политички крај истакна Димовски.