По посетата на Париз, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, од денеска е во Брисел, каде продолжува да притиска за добивање датум за преговори во октомври.

Димитров, кој вчера во Париз оствари средба со француската државна секретарка за европски прашања, Амели де Моншален, денеска во Брисел ќе се сретне и со еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан.

Предвидени се средби и во Европскиот совет, а попладнето министерот ќе ги брифира амбасадорите на земјите членки на ЕУ, информираат од кабинетот на Димитров.

Целта на посетата, на само еден месец до клучниот ЕУ министерски состанок на кој ќе се одлучува за доделувањето на датум за преговори за Македонија, е изложување на аргументите на Македонија пред европските престолнини.

Земјите членки како и комесарот за проширување се очекува од Димитров да бараат да ги информира за текот на реформите, и пред се за напредокот во преговорите за Специјалното јавно обвинителство и предметите кои се водат таму. Европската Унија пред година и половина и постави на Македонија четири услови за добивање датум за преговори: реформа на безбедносните служби, на јавната администрација, реформа на судството и борба против корупцијата и организираниот криминал. Иако СЈО не е експлицитно дел од овие услови , голем број земји членки инсистираат на кредибилно и одржливо решение за оваа институција, како и конкретни докази дека државата е решена да се справи со криминалот.

Дипломатите во Брисел велат дека случајот „Рекет“ како таков не е дел од условите за добивање на датум, меѓутоа дека од судската власт очекуваат брза, кредибилна и транспарентна истрага.

Министерот вечерва ќе учествува на приемот на македонските амбасади во Брисел по повод независноста на Македонија, а утре ќе отпатува за Берлин, каде ќе продолжи со средбите поврзани со лобирањето за добивање датум за преговори во октомври.