Преспа отстрани пречка во нашите односи со Грција, но истовремено изгради и мост кон ЕУ интеграцијата на нашата земја. Со Преспанскиот Договор постигнавме нешто што Шуман, еден од идејните татковци на Европската унија би го опишал како „де факто солидарност преку конкретни дела“.
Ова го истакна шефот на дипломатијата Никола Димитров на предавањето отворено за јавност, на тема „До Европа преку Преспа: Европската интеграција на Северна Македонија“ што го одржа вчера за време на еднодневната работна посета на покана на Универзитетот во Грац.
Како што соопшти МНР, Димитров зборуваше и за реформските чекори кои активно се преземаат на патот кон ЕУ интеграцијата.
За време на посетата на Универзитетот, министерот Димитров оствари средба и со ректорот на Универзитетот, Криста Нојпер. Тој одржа и неформална дискусија со академици и бизнисмени на која се осврна на реформските процеси, а особено на чекорите кои се преземаат во борбата против корупцијата.
На работната средба со државниот советник за економија, туризам, Европа, наука и истражување во локалната Влада на Штаерска, Барбара Ајбингер, беа разменети мислења за европската интеграција на земјата, како и можностите за реализирање конкретни проекти за продлабочување на целокупната соработка помеѓу регионот Штаерска и Република Северна Македонија. За време на престојот, во рамките на своите медиумски активности, Димитров даде интервјуа за австриските медиуми, Клајне Цајтунг и Профил, стои во соопштението од МНР.
Comments are closed for this post.