Шефот на дипломатијата Никола Димитров и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, во рамки на посетата во Брисел учествуваа на работен појадок со министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската унија, во организација на Грција и Романија.

На работниот појадок, министерот Никола Димитров брифираше за тековните достигнувања во контекст на евро-интеграциите, за спроведувањето на Договорот од Преспа, како и за генералните очекувања од земјите членки во насока на донесување на одлука за почеток на пристапните преговори во јуни оваа година, соопшти владината прес служба.

Нашата работа е да ве убедиме дека она што го имаме денес во Северна Македонија е можност за ЕУ. Нашата цел е да се трансформираме и да станеме европски во начинот на кој функционира нашиот систем. Во последната деценија Европа постојано се менува, станувајќи на некој начин движечка цел што треба да ја следиме. Но, нашите интереси остануваат исти – ни треба трансформативната моќ на ЕУ за создавање на европски, стабилен и просперитетен Балкан, рече шефот на дипломатијата.

На појадокот свое обраќање имаше и вицепремиерот Османи, кој направи осврт на динамиката и квалитетот во имплементацијата на реформите, согласно Планот 18, кој ги одразува насоките и заклучоците од минатиот јунски самит на Советот на ЕУ.

Република Северна Македонија, покрај исклучително големиот успех во адресирањето на отворените политички прашања – Преспанскиот договор со Република Грција и Договорот за добрососедство со Република Бугарија, во ниту еден момент не дозволи намалување на фокусот на земјата од реформската агенда, рече Османи.

Посочи оти земјата има солидна динамика на имплементацијата на реформите од Планот 18, и сериозен напредок во сите дефинирани области: владеење на правото, безбедносните и разузнавачките служби, реформата на јавната администрација и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Изрази надеж дека оваа реформска динамика ќе биде објективно изразена во наредниот извештај на Европската комисија, што ќе претставува основа за конфирмација на одлуката од страна на Европскиот совет во јуни, за почеток на преговорите со Република Северна Македонија оваа година.