Европскиот наратив за малите земји е перспектива, а владеењето на правото и почитувањето на правниот поредок е заштита во процесот на забрзана интеграција, констатирале министрите за надворешни работи на Македонија и на Словенија Никола Димитров и Миро Церар на нивната денешна средба на Блед на почетокот на 14. Бледски стратешки форум.
На средбата биле потврдени пријателските односи меѓу двете држави и било договорено продолжување на соработката во сите сфери.
Димитров, како што информира МНР, детално го информирал својот словенечки колега за изгледите и перспективите на евроинтегративните процеси на Македонија, во светло на добивање позитивна одлука на Советот на ЕУ, во октомври годинава.
Конзистентната поддршка од Словенија и соработката на овој план е симбол на искрено пријателство и споделена европска визија. Словенечката приказна за европскиот успех е пример за целокупниот процес на проширување. Словенија беше првенец во тој контекст и инспирација за над да целиме повисоко за да ги постгигнеме нашите европски идеали. Благодарен сум и особено ја цениме вашата постојана поддршка и пријателство“, истакнал Димитров.
Двајцата соговорници размениле мислења за актуелните политички случувања во земјата, како и за важноста од владеење на правото како гаранција за сигурноста на демократскиот пат, особено за земји како Македонија и Словенија.
На маргините на форумот, Димитров денеска ќе се сретне и со Метју Палмер, специјален пратеник на САД за Балканот и со генералниот директор за политички прашања во британскиот Форин Офис, Ричард Мур.
Утре, Димитров ќе се обрати на панелот насловен „Западен Балкан – европеизација, демократизација, споделена одговорност“, на кој ќе се осврне на европските перспективи на Македонија.
Годинашното мото на Бледскиот форум е „Ресурси/извори на (не)стабилност“/(Re)sources of (in)stability, а дискусиите ќе бидат посветени на улогата на ресурсите/изворите во контекст на мирот и безбедноста, одржливиот развој и економскиот напредок
Comments are closed for this post.