Во Владата владее едно правило – премногу теорија, многу малку пракса и ништо од спроведувањето на дело, со чест на исклучоци за вицепремиерот Битиќи кој е флексибилен, но за да се спроведе една агенда првенствено е потребен тим и либерализација на законодавството, вели градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во гостувањето во централниот Дневник на телевизија „Сител“,
Димитриевски потенцираше дека целиот концепт на граѓанското движење ќе биде по концептот на граѓанската иницијатива на последните локални избори „За наше Куманово“ коешто даде резултат и всушност ги реализира политиките кои ги ветија на кумановчани.
По тој пример како ќе биде името на тоа здружение, дали ќе биде „За наша Македонија“ или друго име, дефинитивно ќе биде граѓанско здружение и ќе биде од граѓаните за граѓаните, со реално остварливи политики и луѓе кои всушност сакаат да дојдат и да работат. Иако излезе информација дека господинот Црвенковски е директно вклучен во оваа иницијатива, јас до овој момент со господинот Црвенковски којшто исклучително го почитувам и како човек и како поранешен претседател на државата на оваа тема немам разговарано. Инаку, иницијативата е отворена за сите кои се добронамерни, но мора да напоменам дека прво позициите и одговорностите во оваа нова политичка гарнитура ќе ја носат луѓе од сегментот на образованието, од сегментот на бизнис фелата, земјоделци, интелектуалци, работници и луѓе кои досега немаат вршено било каква јавна или политичка функција, а особено не луѓе за кои се влечат поранешни хипотеки, рече Димитриевски.
Во Дневникот, градоначалникот Димитриевски се осврна на зголемувањето на цените на прехранбените продукти.
Ова е состојбата во државата. 2021 и 2022 година. Цената на лебот била 18 денари, денеска е 35 денари. 45 денари беше цената на млекото, денеска ви е 70 денари. Зејтинот беше 65 денари, сега ви е 150 денари. Цената на електрична енергија кон домаќинство заедно со дистрибуција 6.69 денари по киловат час, сега во моментов некаде просек за април месец со вклучена дистрибуција 13.38 зависно по која тарифа пресметувате. На крајот се фалевме со минимална плата, која се зголеми од 15 илјади денари на 18 илјади денари. Ова е македонската реалност, бидејќи сите граѓани во моментов преживуваат, посочи Димитриевски.
Comments are closed for this post.