Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во централниот Дневник на телевизија Сител во однос на случајот од минатата недела кога беше повикан во МВР на информативен разговор потенцираше дека е подготвен да им отвори канцеларија на МВР во општината да дојдат и да ги имаат сите документи на увид.
Тој информираше дека има над 50 пријави, од кои сите се анонимни и процесуирани на ист начин.
„Се испраќаат до полицијата, полицијата праќа до Обвинителство не секогаш, добиваат насоки за постапување, отвораат предмет и работат. На крајот истражуваат и нема ништо. Едноставно, се чудам од тој феномен што се случува, бидејќи вие да ангажирате човечки ресурси во МВР во време кога во државата (јас не го велам тоа, го велат сите релевантни странски дипломати) цвета корупцијата. И од друга страна да трошите време на празно мислам дека е депласирано. Имаат единствено цел да извршат притисок особено во овој период пред формирање на политичкиот субјект врз мене и моите истомисленици, да испратат одредена скриена порака и да ги заплашат. Но, како и да е тоа нема да ме обесхрабрува“, рече Димитриевски.
Димитриевски посочи дека е зачуден од денешната изјава на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на оваа тема.
„Јас се согласувам со оваа милозвучна клише изјава на министерот и искрено би верувал дека е така доколку на пример имаше истрага за господинот Артан Груби да биде повикан на сослушување за она што се говореше во јавноста околу проектот Бехтел и Енка, коридорот 8 и 10, или пак за внукот на Али Ахмети бидејќи до ден денеска уште никој не е повикан, што значи истиот фаќа страна. За едните законот важи, за другите не важи. Како и да е, јас сум тука и подготвен сум да соработувам за било која истрага. Не е за мене првпат, се обидувале многу порепресивно да ме обесхрабрат во моите намери, но нема да успеат ниту мене, ниту моите истомисленици. Инаку, методот на оваа МВРО-изирано министерство коешто е со едно големо „О“ да врши притисок и да ги користи сопствените ресурси за да се раскусурува сопартиските неистомисленици“, додаде Димитриевски.
Comments are closed for this post.