Надзорот на безбедно-разузнавачките служби да се концентира во едно законско решение, кое пред пратениците ќе се најде по претседателските избори, создавање услови за работа на собраниската Комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите согласно НАТО и европските стандарди, инвестирање во т.н. глува соба, регулирање на употребата и архивирањето на документите кои се класифицирани, биле темите на денешната средба во Собранието на вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и членовите на оваа собраниска Комисија, предводена од нејзиниот претседател, пратеникот Емил Димитриев.
Средбата се одржа во пресрет на 19 март, кога се одржува состанок на Советот за стабилизација и асоцијација, кој се смета за прв прелиминарен тест на динамиката на реформската агенда, а реформите во безбдедносно-разузнавачкиот систем е во фокусот на таа агенда.
Надзор врз работата на овие служби е клучот за враќање на довербата во нив, по скандалот со масовното прислушување на над 20 илјади граѓани од страна на претходната влада, а како што изјави денеска по средбата претседателот на собраниската Комисија, Димитриев законската регулативна за надзор во моментов е многу општа, расфрлана во повеќе закони, споредено со земји-членки на ЕУ и НАТО, каде поинаку и на поквалитетно ниво е организиран надзорот.
Дојдовме до констатација дека на Македонија е и потребен нов посебен закон за надзор на службите за безбедност. Јас веќе работам на тој закон и со почетокот на работата на Собранието по изборите ќе биде пуштен во собраниска процедура. Оваа средба ја искористивме и за да ја добиеме поддршката на Владата. Наша интенција е законот да биде изгласан со широко мнозинство, бидејќи гради еден систем, кој не зависи од тоа кој во моментов ја предводи Комисијата, политичките промени се природен процес. Тој систем ќе го користат партиите во иднина, рече Димитриев.
Османи се надоврза дека целиот тој безбедносно-раузнавачки систем не е комплетен без соодветен надзор на Собранието, но и на Граѓанскиот совет, кои се двата столба, со кои, како што рече се комплетира приказната на реформата на безбедносните служби.
Комисијата се уште работи без експерти, а на прашањето дали добиле финансиски средства за нивно ангажирање, Димитриев рече дека е објавен оглас и оти на него се пријавиле седум апликанти.
Комисијата утре ќе одржи седница, на која ќе има административна проверка на апликантите, по што ќе следува и безбедносна проверка, а Димитриев очекува во еден оптимален период конечно Комисијата да ги добие експертите.
Тие се од суштинско значење за нејзиното работење. Жалам што една година изгубивме со убедување со надлежните во Собранието дека тоа е неопходност за Комисијата, дека таа без тие експерти свои контроли може да ги сведе само на статистички операции, нагласи Димитриев.
Досега вршеле надзор со членовите на Комисијата, пет на број со мнозинство од опозицијата. Биле во контрола на ОТА, УБК, а прв пат и во финансиската полиција и царинската управа. В четврток повторно ќе одат во ОТА. Законското решение пропишува надзор еднаш квартално, а Димитриев посочи дека целта е да имаат барем две инспекции квартално.
Без експертите контролирале во областите кои им се познати на пратениците. Димитриев вели контролата нема само технички аспект, туку има правен, легислативен. Од досегашните контроли не се утврдени нерегуларности во работењето на овие институции.
Да се интензивира надзорото на тие служби не само преку пратениците, туку и преку експертите. Ќе изработимне акционинен план, кој во поширока консултација со Собранието, Владата, меѓународните партнери ќе ја утврдиме динамиката за создавање одржливост и зајакнување на надзорната функција на оваа важна Комисија, нагласи Османи.
Во врска со финансирањето на ОТА, Османи посочи дека треба да се размислува за едно трајно решение за финансиската одржливост на Агенцијата.
Зборувавме и со АЕК дека средствата, кои ќе се пренесуваат нема на ниту еден начин да влијаат на работата на оваа Агенција, а ќе овозможат функционална и одржлива ОТА, нагласи Османи.
На новинарско прашање дали за време на надзорот на УБК забележале техника за прислушување и дали новата УБК, која ќе се нарекува Агенција за национална безбедност ќе поседува таква опрема, Димитриев изјави дека во моментов УБК има техничка опрема согласно нивните надлежности, а интенцијата на законот е да се набави нова опрема за користење од страна на УБК.
Едно од прашањата кое е предмет на дискусија е дали може да и се дозволи на новата агенција да доаѓа до материјали без ОТА. Тука е поделено мислењето. Предлагачите имаат став зошто треба да има таква можност, тактичката опрема да се користи со дозвола од јавен обвинител, но има и други гледања, кои се стручни и кои сметаат дека тоа ќе значи директно бајпасирање на ОТА, која е формирана за да биде медијатор за поврзување со броевите за слушање, истакна Димитриев.
Законите за новата агенција, која ќе ја замени УБК, но и останатите кои се дел од реформите на безбедносно-разузнавачкиот систем поминаа во прво читање во Собранието, а Димитриев нагласи дека сега ќе почнат преговори на ниво на политички партии за подобрувањее на текстот и оти верува дека во конечната форма овие законите ќе претрпат промени.
Comments are closed for this post.