Државната изборна комисија (ДИК) подготвува нов тендер за апарати за отпечаток од прст кои треба да се употребат на претстојните локални избори во втората половина на октомври, откако претседателот на ДИК, Александар Даштевски, во петокот го поништил огласот за фингерпринтовите, потврдија од ДИК за Плусинфо.
Новиот тендер се очекува да биде објавен уште денеска и од ДИК се надеваат дека ќе биде спроведен навремено и оти нема да влијае на одржувањето на локалните избори во октомври.
Првичниот тендер е поништен откако се увидело дека во спецификацијата наместо да се бара фирма која ќе набави апарати за биометриска идентификација на гласачи, се барало електронска идентификација на лица.
Од ДИК велат дека Изборниот законик е дециден дека станува збор за гласачи, а не за лица.
По набавката на фингерпринтовите ќе треба да се изврши обука на тие што ќе управуваат со апаратите и да се имплементира опремата. Според проценките на ДИК и бројот на гласачки места, ќе се обезбедат околу 4.000 терминали.
Апаратите за фингерпринт за локалните избори беше едно од барањето на ВМРО-ДПМНЕ кое го договорија лидерот Христијан Мицкоски и премиерот Зоран Заев. Отпечатокот од прст обезбедува повисок степен на регуларност на изборите но и гаранција дека едно лице гласа само на едно место, односно на минимум да се сведе можноста гласач да гласа повеќе пати.
Comments are closed for this post.