По една година и четири месеци од стартот на судскиот процес и по повеќе од четири години од настаните во Собранието, судењето за случајот „27 април“ влегува во завршница. Денеска во Основниот кривичен суд во Скопје треба да започне рочиштето на кое се очекува обвинителката Вилма Русковска да ги даде завршните зборови.

На обвинителна клупа седат четворица поранешни високи функционери: експретседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, бившите министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Сите се обвинети за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Во текот на судскиот процес, обвинителството тврдеше и докажуваше дека имало координација и организација на протестите кои во тој период се одржуваа пред Собранието, како и на критичниот ден или, како што кажа Русковска и во воведните зборови, дека имало намера да се загрози уставниот поредок и безбедноста на државата и со акти на насилство да се оневозможи мирно предавање на власта.