За денес е предвидена јавна расправа на Комисијата за образование, наука и спорт, и министерката за образование и наука, Мила Царовска, на која ќе се разгледува нацрт-концепцијата за основно образование.

Исто така, присутни на оваа јавна расправа, покрај членовите на Комисијата, ќе присуствуваат и претставници на Владата, како и МОН и органите во состав.

Дел од оваа јавна расправа ќе бидат и претставници на државни образовни институции, професори од педагошките факултети, директори и наставници од основни училишта, МАНУ и невладини организации чиј домен на интерес е образованието. Исто така, на седницата се поканети и претставници на меѓународни претставништва кои ги поддржуваат образовните реформи во земјава.

Како што посочи Царовска пред неколку дена, од оваа јавна расправа очекува сериозни заклучоци и дефинирање на концепцијата.

Царовска во интервју за МИА рече дека по јавната расправа во собраниската Комисија за образование, наука и спорт, очекува дефинирање на концепцијата за основно образование.

Сметам дека во наредниот период е многу значајна онаа дебата што треба да се случи или расправа во самото Собрание по однос на концепцијата за основно образование и навистина ќе бидам среќна што во Собранието ќе се зборува за основното образование, затоа што многу години за ниту еден концепт за основно образование досега не се зборувало во јавноста, а камоли да има јавна расправа во Собранието. Поканите ги испраќа самата Комисија, организатор е Собранието и не би можела да зборувам кој сè е поканет, но сметам сите релевантни, веројатно сите што биле гласни и помалку гласни во јавноста со различни ставови сигурно ќе бидат поканети од страна на Комисијата и ќе имаме плодна расправа, рече Царовска.