Собранието денeска треба да одржи продолжение на 29. седница, на која се очекува да се гласа за Предлог законот за попис на населението, домаќинства и становите во Република Македонија, 2021, по скратена постапка.
Расправата за Предлог законот во Собранието, со кој треба да се овозможи во државава да се спроведе попис по 19 години, заврши на 15 јануари. Тогаш беше најавено дека за законот ќе се гласа на продолжение на оваа седница, кое ќе биде дополнително закажано.
Освен владејачката коалиција поддршка за законот најавија и од албанската опозиција, Алијансата за Албанците и Алтернатива, а против законот е опозициската ВМРО-ДПМНЕ која најави дека ќе бара негово поништување преку собирање граѓански потписи.
На дневен ред на продолжението на 29. седница на Собранието се и Предлог законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за унапредување на основното образование, Предлог на законите за изменување и дополнување на Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води и на Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, сите по скратена постапка.
Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за библиотеките, Предлог законот за изменување и дополнување на Законoт за заштита на културното наследство, како и Предлог законот за Агенцијата за разузнавање, по скратена постапка, исто така се дел од точките на 29. седница на Собранието.
Comments are closed for this post.