Подолго време ДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ промовира и се залага за формирање на Коалициона Влада, поддржана од сите парламентарни партии, при што ќе се почитува Уставното начело за соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници, велат од оваа партија.
Мотивот за ваква Влада е да се заштитат стратешките и национални интереси на државата, демократизацијата, владење на правото и унитарниот карактер на државата.
Во оваа насока, Коалиционата Влада, според ДС, треба да направи темелни реформи и тоа:
Прво, да донесе нов Устав, бидејќи постојниот го гуши демократскиот развој на државата и наместо граѓански концепт воспоставува поделби по етничка основа, партизација и блокада на институциите и владеење на правото.
Второ, длабоки и суштински реформи на правосудниот систем кој е некредибилен, партизиран и корумпиран, без системски решенија за одговорност за тие што ги кршат законите.
Трето, изградба на заокружен и ефикасен систем за борба против тешките облици на криминал, кој ги разорува институците,создава социјални разлики и го кочи развојот на државата. Во последните 20 години одлеани се над десет милијарди евра во странство од неколку поединци и компании, без да понесат одговорност и имотот да им се конфискува.
Четврто, коренити реформи во јавната администрација, преку намалување на бројот на пратеници (од 120 на 90), намалување на бројот на министерствата (не повеќе од 12), укинување на бројните паралелни институции, како што се агенции, дирекции, регулаторни тела итн.
Петто, создавање услови за младите да имаат можности да отворат бизнис и останат во Македонија.
Во суштина, спроведување на реформи за да се имплементираат стандардите на ЕУ, клучни за подобар живот и благосостојба за сите.
Оваа идеја, СДСМ со наводната понуда за вклучување на опозицијата во Владата, ја злоупотреби и во целост ја искомпромитира.
Во суштина се работи за неискрен пристап и класична манипулација, сѐ со цел да ја избегне одговорноста од колапсот на евроинтеграциските процеси и огромното незадоволство на граѓаните од вкупните состојби и обидот за промена на Уставот под диктат на Бугарија, без да се обезбедат реципроцитет и гаранции за македонскиот идентитет, билатералните прашања наметнати од Бугарија да не можат да се користат за нови блокади и целосна имплементација на одлуките на Судот во Стразбур, поврзани со правата на здружување на Македонците во Бугарија.
Според информациите и проценките на Демократскиот сојуз, идејата за широка коалициона Влада ќе доживее колапс поради што Владата треба да поднесе оставка и да се одржат предвремени парламентарни избори.
Инаку, доколку Димитар Ковачевски имаше сериозен пристап, досега требаше да поднесе оставка и да започне постaпка за избор на нова Влада, нагласуваат од ДС..
Comments are closed for this post.