Поранешниот директор на Царинската управа, Драган Даравелски треба да остане пет години во затворот „Идризово“. Според пресметките на судот во Куманово, кој е надлежен за случајот, апсолутна застареност на извршувањето на затворската казна која што му изречена настапува во 2028 година.

Од известувањето кое го добивме од судот во Куманово апсолутна застареност на извршувањето на казната по пресуда на Основниот суд Скопје 1,К.бр.809/05 настапува на 26 .03 2028 година“, потврдуваат од Министерството за правда за Дојче веле.

Оттаму велат дека изминативе години неколкупати била побарана екстрадиција на Даравелски кој се наоѓаше во Белград, но и покрај неколкуте ургенции повратен одговор од Србија немало.

Екстрадиции биле побарани 2004, 2013 година, а за последен пат е барана екстрадиција во јуни 2020 година. „Со оглед на тоа што се барани екстрадиции, затоа и апсолутната застареност е 2028 година“, велат од Министерството за правда.

Даравелски беше осуден на седум години затвор во отсуство во 2007 година за злоупотреба на службената положба и овластувања и се бараше со меѓународна потерница. Според пресудата, тој го оштетил државниот буџет за 2,5 милиони евра во периодот од 1999 до 2002 година.

Со оглед на тоа дека е осуден во отсуство, се споменува можноста да бара повторно судење, што пак наметнува нова опасност од застареност, бидејќи од извршувањето на кривичното дело се поминати 20 години. Во однос на оваа дилема, од Министерството за правда велат дека се надлежни да постапуваат само во постапка за екстрадиција. „Дали ќе му биде повторена постапката или не, тоа е во надлежност на судот. Судот е тој кој констатира застареност“, укажуваат од ресорното министерство.