Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за „примање поткуп“ и за две лица за помагање при извршување на ова кривичното дело.
За првоосомничениот, како што соопшти ОЈО, постои основано сомнение дека како службено лице даночен инспектор во Управата за јавни приходи при Министерството за финансии – Регионална дирекција Скопје, индиректно, преку второ и третоосомничените лица, побарал парични средства во износ од пет илјади евра од сопственик на едно правно лице. Парите потоа лично ги примил за да не изврши службено дејствие што би морал да го изврши, односно да направи дополнителни и детални контроли на даночниот субјект по однос на пресметката за плаќање на даночната обврска.
При извршување на кривичното дело, со умисла му помогнале второ и третоосомничените лица, сопственици на сметководствено биро од Скопје, преку давање совети и упатства, како и директно посредувајќи во комуникацијата со оштетената со која претходно се познавале.
Осомничените вчера во еден угостителски објект реализирале заедничка средба, на која оштетената на првоосомничениот му ги предала парите во износ од пет илјади евра, во десет банкноти во апоени од по 500 евра. Банкнотите биле претходно крим-технички обработени од страна на полицијата. Осомничениот ги ставил обележаните банкноти во џебот од палтото и по интервенција на полициските службеници бил затекнат со нив кога го напуштал угостителскиот објект.
Со оглед на проценката дека постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, постои основан страв дека осомничениот ќе ги сокрие или уништи трагите на кривичното дело и ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и соучесниците, како и особените околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го повтори кривичното дело, надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје достави Предлог за определување мерка притвор, се вели во соопштението од Основното јавно обвинителство Скопје.
За второ и третоосомничените лица се предложени мерки на претпазливост, кои вклучуваат забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска повремено да се јавуваат кај надлежен орган и привремено одземање на патната исправа.
Comments are closed for this post.