Дали „бомбите“ кои ги објавува кичевецот Ахмеди Шеќерим или во јавноста познат како ЕЛ Чека се дел од оние со кои уште во 2016-та биле уценувани функционери од ДУИ, на кои им биле барани и суми од половина милион евра?
Оваа дилема се наметнува по се погласните шпекулаци што произлегуваат од политичката чаршија дека за да се спушти топката на земја се подготвува Закон за амнестија на осудените за Диво Насеље и настаните во Собранието од 27 април.
Уште во април 2016-та година и во печатеното и во електронското издание на Дневник, кое го цитиараа и низа други медиуми беше објавена информација со наслов: „ 500.000 евра се барани од функционер на ДУИ, Ахмети политички уценуван.“ Весникот повикувајќи се на партиски извори објави дека огромни суми на пари им биле барани на функционери од Мала Речица за во јавноста да не излезат компромитирачки снимки со приватни разговори. Колку точно функционери и кои биле уценувани не се знае, но како што од таму потенцирале биле уценувани од подземјето.
Повод за ваквиот текст било интервјуто на Али Ахмети за Алсат на 7 април 2016-та година во кое тој меѓудругото откри дека неговите сопартијци биле цел на уцени и тогаш тврдеше дека тој бил најприслушувана личност со 17 000 телефонски разговори.
Најприслушуваниот човек сум јас. Според информациите што ги имаме, не само еден разговор, туку има 17.000 телефонски разговори што сум ги направил кои се транскриптирани и обработени, а илјадници други се необработени. Секогаш кога ДУИ требало да донесе одлуки, кои зависеле само од неа, во деликатни моменти, јас добивав некои пораки од Белград, нека го направи овој потег Али Ахмети, оти ние ќе објавиме прислушуван разговор, на пример, каде што тој го пцуе пророкот Мухамед. Не е случајно кога реков – се што имаат за мене нека објават и приватни разговори. Kога го реков тоа не сум бил, како да кажам, кретен, туку тоа сум го кажал сериозно бидејќи сите такви материјали ги отфрлам како целосно невистинити“, изјави тогаш Ахмети.
Во последните разговори што ги објави Ел Чека на удар се Али Ахмети, поранешниот вице премиер Муса Џафери, но и актуелниот министер Садула Дураки.
Ахмети неодмана се изјасни дека не ги слушал прислушуваните материјали. Ги смета за „утринска слана која бргу ќе исчезне“, ама реши да зборува за нив на прославата на 17-от роденден на партијата.
Не ги слушнав прислушуваните материјали ниту, пак, ќе ги слушнам. Таму не се објавуваат официјални туку приватни разговори, залудни работи. Тоа се прислушувани разговори кои се продаваат на Бит-пазар. Тоа е утринска слана која бргу ќе исчезне. Луѓето не треба да се занимаваат со вакви глупости. Патот што го избрале другите партии не ги води никаде. Со овие клевети ДУИ ќе живее уште 100 години бидејќи противниците не се достојни“, рече Ахмети нагласувајќи дека судството треба да се справи со случајот и дека оваа држава има потреба за правда и не треба да се молчи пред овие работи.
Политичката чаршија меѓудругото шпекулира и дека овие разговори кои сега се објавуваат од Чикаго, не се предадени во СЈО, туку дека тие се дел од селектираниот материјал кој наводно содржи телефонски разговори на функционери од СДСМ и ДУИ. Според тоа што се зборува селекцијата наводно ја вршел висок партиски функционер, што да се предаде на СЈО, а што не.
„Покажувањето заби“ на Ел Чека дека нема да престане со „бомбите“ се додека не се спроведе меѓународна истрага за Диво Насеље што им е ветено, наводно далo аларм да се интервенира законски со што ќе се отворат врати за ослободување на учесниците во настаните. За да се избегнаат реакциите во јавноста и целиот процес да не добие меѓуетнички тензии планерите инсистирале во истата кошница и со истиот закон да бидат опфатени се уште не правосилно осудените за собраниските настани од 27 април.
Останува една дилема дали во купот ќе се најдат и организаторите, зашто за нив постапката се уште не е почната.
Ако се реализираат шпекулациите, ова ќе значи носење на втор закон за амнестија, за релативно кратко време. Првиот беше по референдумот за обезбедување двотретинско мнозинство за уставните измени произлезени од Договорот од Преспа.
Автори: Предраг Димитровски Бојана Димитријевска
Comments are closed for this post.