Доколку ова лето не добиеме датум за преговори за мене тоа ќе биде доказ за отсуство на лидерство и визија во раките на ЕУ и не само визија за иднината на Западен Балкан, туку и визија за иднината на самата ЕУ и целиот европски континент, рече во обраќањето на регионалната конференција „Проширувањето на ЕУ на крстопат“ поранешниот претседател Бранко Црвенковски.

Минатата година, потсети, се потпиша Преспанскиот договор, со што се елиминираше најголемата пречка во процесот на нашето евроатланстко интегрирање, потсети тој, додавајќи дека промената на нашето уставно име и тоа за севкупна употреба беше болна и драматична за голем број наши граѓани што се потрврди и на референдумското изјаснување.

Недобивањето датум за почеток на преговорите во јуни ќе предизвика големо разочарување, но и сериозно нарушување на кредибилитетот на ЕУ и на макеоднската Влада во очите на македонскиот народ и на сите граѓани на нашата земја, потенцира Црвенковски.

На конференцијата учествуваат поранешните претседатели на Црна Гора Филип Вујановиќ и на Словенија Данило Тирк, како и на експремиерката на Хрватска Јадранка Косор и поранешниот претседавач на Советот на министри на БиХ  Златко Лагумџија. Тие оценија дека Европската унија ќе го изгуби кредибилитетот, консолидацијата и нејзината улога доколку не одреди датум за почеток на преговорите за членство со Северна Македонија.

Според Вујановиќ,  ако ЕУ не препорача датум за почеток на преговори тоа ќе значи дека ЕУ ќе соопшти потполно јасно дека трети земји кои имаат разни интереси на нашиот простор имаат отворена можност за ретроградно и антиевропско делувањ или да добијат охрабрување

Сакам да бидам реален. Мислам дека низ принцип на заслуженото секоја држава и Македонија и Албанија треба да добијат датум за преговори, но знаејќи ја праксата и плашејќи она што искуството предупредив дека тоа би било штета не само за Северна Македонија, Албанија, туку и за земјите од регионот кое  би добиле порака на обесхрабрување од ЕУ, рече Вујановиќ. 

Поранешната хрватска премиерка Косор наведе дека Северна Македонија покажа огромен напредок и покажа дека ја водат храбри луѓе. Мислам дека тоа заслужува награда не за политичарите, рече, туку за граѓаните на земјата.

ЕУ сега е во еден лош момент, завршија евроизборите, се очекува формирање нова комисија, се очекува некоја друга гарнитура во ЕУ да го одреди правецот во кој ќе се движи, па и проширувањето и судбината на Западен Балкан, изјави Косор.

 Таа меѓу другото порача да не се откажуваме и постојано да бараме сојузници во ЕУ, а Хрватска е една од нив затоа што, потенцираше, ние многу подобро ве разбираме од многу други.

Во онаа мерка во која Западен Балкан ќе биде дел од ЕУ во таа мерка ќе биде вистинската унија, порача Лагумџија.

Тој апелираше до лидерите на Западен Балкан заедно, како што рече, сите да и помогнеме на ЕУ навистина да биде Европа на вредности кои се создаваат овде на Западниот Балкан.Северна Македонија е првата точка на која се тестира иднината на ЕУ.

Според поранешниот претедател на Словенија,  денешната конференција е за поддршка за Северна Македонија да стане членка на ЕУ. Ново е тоа што ова е момент кога треба да се засилат напорите и да се постигне промена на односот на ЕУ кон Македонија.

За ЕУ тоа  е сега прашање за нејзината кредибилност, нејзината иднина како фактор на глобалната сцена. Ако ЕУ не биде способна да оствари сериозен напредок, во правец на членство на Македонија како членка на ЕУ, тогаш тоа ќе биде значаен показател дека ЕУ нема иднина како светска сила. Како фактор на глобалните односи, оцени Тирк.

Додаде дека ако не е способна да направи еден сериозен чекор на свој терен, во својот двор, тогаш порача нема да биде способна  да оствари никакви глобални постигнувања.  Она што ќе го предложат од страна на Северна Македонија како датум за почеток на преговорите, рече Тирк, тоа треба да се сфати сериозно, а не како некакво размислување кое не обврзува, затоа што ЕУ мора да сфати дека во прашање е нејзиниот кредибилитет. 

Тој, потсетувајќи дека оваа година ја добивме десеттата по ред препорака од страна на ЕК за почеток на преговорите, истакна дека оти девет пати претходно препораката не беше прифатена  и, како што рече, стравуваме оти тоа може да се повтори и по десетти пат на јунскиот самит.

Зарем е можно, праша Црвенковски, земјите членки да демонстрираат толкава недоверба во извештаите и препораките на сопствената и од нив избрана Европска Комисија. – Ние не бараме незаслужена награда, туку бараме и очекуваме да ни се пружи заслужена шанса да го почнеме процесот. Свесен сум дека на домашен план имаме големи слабости во многу области, знам дека некои од неопходните реформи доцнат или се спроведуваат со дискутабилен квалитет, порача Црвенковски, изразувајќи убедување дека токму отворањето на преговорите и соработка инсистирањето на исполнување на неопходни услови, наметнување рокови ќе биде поголем импулс за спроведување брзи и квалитетни реформи и исполнување на неопходните критериуми и стандарди.

Поранешниот претседател Алфред Мојсиу порача дека Блаканот веќе не е истиот, изменет е коренито и ние тоа, потенцира, треба гласно да го кажеме, а светот и Европа тоа да го препознаат. Балканот се враќа како еден фактор на мир иако остануваат проблеми што треба да се решат. – Не се оди на патерица, доколку секогаш не оставаат на страна  оставаат простор за неизвесност и за други сило, рече Мојсиу.

Претходно во обраќањето на конференцијата претседателот Стево Пендаровски потенцираше дека од ЕУ очекува неодложно да го одредат датумот за да почнеме преговори за членство и оти унијата  треба да остане доследна на високите очекувања што ги создаде кај граѓаните.

– Доколку на Северна Македонија и на Албанија не им се даде датум за преговори за членство, а на Босна и Херцеговина позитивно мислење за поднесеното барање за членство, наместо суштински напредок во регионот ќе има разочарување. Во однос на најтешките прашања ние го направивме нашиот дел, сега останува на Европскиот совет да го направи својот дел. Да им го даде на нашите граѓани заслужениот датум за отпочнување на пристапните преговори. Секое дополнително одложување на преговорите, ќе ја наруши кредибилноста на ЕУ, ќе ги демотивира гражаните, ќе го забави реформскиот процес и негативно ќе влијае на стабилноста на целиот регион, рече претседателот Пендаровски.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, исто така оцени дека Северна Македонија направи големи чекори кон стратешката цел.  – Земјата ја покажа својата решителност да ја унапреди реформската агенда на ЕУ и има испорачано конкретни и одржливи резултати. Се што добивме, се што постигнавме, вклучувајќи ја и овогодишната чиста препорака на Комисијата за почеток на преговорите, како што потенцира Османи, не е подарок, моравме да го заслужиме секој збор во овој Извештај и да убедиме многу експерти од Комисијата.

Вицепремиерот оцени дека 2019 е клучна година за ЕУ, измерено со сите параметри, а клучна е, наведе, и за сите нас, за сите земји од Западен Балкан. Историскиот успех од 2018 ја подготви сцената за уште поуспешена 2019 година. Со финализирање на членството во НАТО и отпочнување на пристапните преговори и по скоро 28 години независност конечно е возможно исполнување на стратешките цели, рече Османи.