Полицијата во Црна Гора потврди дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски влегол во Црна Гора на 11 ноември и истиот ден ја напуштил земјата.
Поради интересот на медиумите за поранешниот премиер на Македонија Никола Груевски, а во интерес на вистинито информирање, соопштуваме дека Никола Груевски влезе во Црна Гора на наведениот датум 11 ноември и истиот ден ја напушти земјата. Црногорската полиција во овој случај во целост ги испочитува законските процедури“ пишува во соопштението.
Полицијата не соопштува повеќе детали како Груевски влегол во земјата и од кој граничен премин заминал.
Претхоно полицијата на Албанија соопшти дека тој уште во неделата излегол од Албанија преку преминот Хан Хоти-Муриќан, на албанско-црногорската граница, кај Скадарското Езеро.
„Одговарајќи на големиот интерес на медиумите за влез и излез од територијата на Албанија на лицето Никола Груевски, информираме дека истиот на 11 ноември 2018 година во 19:11 часот излегол од Албанија преку преминот Хан Хоти во правец на Црна Гора, како патник во автомобил со регистарски ознаки CD1013A,сопственост на амбасадата на Унгарија во Тирана“, соопштија од Секторот за граница и миграција на албанската полиција.
Албанската полиција нагласи дека во неделата, кога Груевски бил во Албанија не постоела никаква потерница од Македонија или Интерпол.
Од албанската полиција не кажаа кога и како Груевски влегол во Албанија.
Во Албанија и во Црна Гора македонските граѓани можат да влегуваат само со лична карта.
Груевски се јави преку фејсбук од Будимпешта на 13 ноември и информираше дека бара азил од унгарските власти.
Comments are closed for this post.