Катица Јанева за неполни четири години од раководењето со СЈО има земено околу 150.000 евра од парите на граѓаните како плата. Најголем дел од граѓаните толку пари немаат видено за целиот свој живот, но и тоа е малку за ликови како Јанева, па истите се инволвирани во рекетарски скандали со функционери и јавни личности од СДСМ, истакна денеска на прес-конференција Валентин Манасиевски од ВМРО – ДПМНЕ.

Катица Јанева исчезна. Ни за 150.000 евра не чувствува одговорност пред медиумите и граѓаните. Си отворила боледување, а се пишува дека заминала од Македонија. За нејзино што поскоро враќање и оздравување, во име на граѓаните, на Катица Јанева и оставаме чанта од марката на Луј Витон. Не е баш оригинал какви што си купува нејзиниот пријател Боки 13, но се наоѓа на пазарите во Македонија. Прочитавме дека нејзините драги лица ги обожаваат овие марки на чанти, а особено кога се наполнети со по милиони евра. Се надеваме дека таа ќе побрза да дојде да си го подигне подарокот. Патем чантата не тежи многу и во неа нема пари, туку само парчиња безвредна хартија со ликови на оние за кои се зборува дека се вмешани во рекетот, истакна Манасиевски пред СЈО.

Како што додаде тој, Јанева должи одговорност и одговор. Одложената оставка не е решение на скандалот. Јанева може да го повтори делото, да избега или да влијае врз сведоците. Затоа нејзината одговорност треба да биде истражена во итна постапка, а таа да ја однесе оваа чанта кај нејзиниот пријател.