Позитивни сигнали пристигнаа од Цариград и од Москва по добиениот благослов од СПЦ за автокефален статус на МПЦ-ОА. За Вселенската патријаршија, отстранувањето на 55 годишната шизма е историски момент, а за РПЦ радосен настан што бил чекан многу години.
– Историски момент е што шизмата која траеше речиси шест децении, по иницијатива на Вселенската патријаршија, заврши, беше отстранета и влегуваме во нов период, оцени вселенскиот патријарх Вартоломеј.
Тој посочи дека уште пред одлуката на Вселенската патријаршија за прифаќање на Охридската архиепископија во канонска и евхаристиска заедница постоел дијалог меѓу црквите на Северна Македонија и Србија.
– Во изминатиот период, пред нашата одлука, беше започнат дијалог со Црквата на Скопје, но нашата одлука ѝ олесни на Црквата на Србија и во четвртокот на 19 мај, неговото блаженство патријархот Порфириј, поглаварот на СПЦ го покани поглаварот на Охридската црква и имаа заедничка литургија во Белград. Ова нè исполнува со задоволство. Тоа е историски момент. Една шизма што траеше околу шест децении, по иницијатива на Вселенската патријаршија, заврши, беше отстранета и влегуваме во нов период. Оваа заедничка литургија на 19 мај, Србија ја нарече литургија за помирување и драго ни е за овие случувања, рече вселенскиот патријарх во интервју за грчката телевизија ЕРТ и изрази задоволство од последните случувања во црковното прашање.
Вартоломеј, како што јави дописничката на МИА од Атина, во интервјуто објаснува дека конкретното прашање со шизмата, многу години било во фокусот на Патријаршијата, а доста често доаѓале делегации од „Црквата на Северна Македонија“ за консултации, но и барања од политичкото раководство.
Тој посочи дека по „апелациското прибегнување (еклитон) на таа црква кон мајката црква, која според одлуката на четвртиот екуменски собор на Халкидон го има ова неотуѓиво право да одлучува за такви случаи на највисоко ниво“, била отстранета шизмата.
– Врз оснава на овој еклитон ја отстранивме шизмата, прогласивме дека влегуваме во евхаристиска заедница со нив. Ја нарековме нивната црква Охридска архиепископија, го исклучивме терминот „македонска црква“ и било каков изведен збор од зборот „Македонија“. Ги ограничивме границите на јурисдикцијата во границите на територијата на Северна Македонија, како што се вика денес и сите дополнителни административни прашања ѝ ги доделивме на Светата црква на Србија, со предуслов, овие останати работи да бидат врз основа на светоканонскиот чин и вековните пракси на целата православна црква, истакна вселенскиот патријарх.
Српската црква, според него, постапила правилно да се придружува кон одлуката на Вселенската патријаршија.
За Руската православна црква „признавањето на автокефалноста на Црквата во Северна Македонија од страна на Српската православна црква“ е радосен настан, за кој се очекува да се разговара на следниот состанок на Светиот синод
Comments are closed for this post.