Чествувањето на 149-годишнината од раѓањето на идеологот на македонската револуционерна борба, Гоце Делчев, денеска е присутно и на бугарските сајтови, иако нивниот број не е голем. Како илустрација го пренесуваме текстот од сајтот на БНР со наслов „149 години од раѓањето на Гоце Делчев“.

На 4 февруари се навршуваат 149 години од раѓањето на Гоце Делчев (1872-1903 г.). Еден од најзначајните бугарски револуционери на 20 век. Водач и идеолог на внатрешните македоно-одрински организации и борец за независност.

Георги Николов Делчев е роден на 23 јануари (4 февруари-нов стил) 1872 г. во Кукуш, кој во тоа време се наоѓа во областите на Османлиската империја. Прогимназија завршува во родниот град, по што своето образование го продолжува во Солунската бугарска машка гимназија. Во 1891 г. се запишува во Военото училиште во Софија, но заради неговото учество во социјалистичкиот круѓок е исклучен и од 1894 г. е учител во Штип каде работи и Дамјан Груев, еден од основачите на организацијата Бугарски македоно-одрински револуционерни комитети, подоцна преименувана во Внатрешна македоно-одринска револуционерна организација. Гоце Делчев е привлечен во организацијата од Даме Греув и се претвора, фактички, во нејзин раководител. Основната идеа на ВМОРО е дека ослободувањето на Македонија и Одринско е можно преку општо вооружено востание. Како своја првична цел организацијата си ја поставува автономијата на Македонија и Одринско во рамките на Османлисдката империја.

Во текот на 1895 г. Гоце Делчев го напушта учителствувањето и целосно се посветува на револуционерната дејност. Во 1896 учествува во работата на Солунскиот конгрес на ВМОРО и заедно со Ѓорче Петров ја изработува програмата и уставот на организацијата, кој предвидува нејзино воспоставување врз демократски основи. Во 1899 г. на иницијатива на Гоце Делчев се пристапува кон воспоставување на четничкиот институт на ВМОРО. Како главен ревизор на четите, Гоце Делчев прави неколку обиколки низ Македонија и Одринска Тракија. Во 1902 г. заедно со Ѓорче Петров учествува во изработувањето на новата програма и уставот на организацијата. Таа веќе си поставува за цел, привлекување и сплотување „на сите незадоволни елементи во Македонија и Одринско, без разлика на народност“ и извојување на целосна политичка автономија. Наспроти постигнатите успеси во нејзината организациона поставеност, Гоце Делчев се уште не е убеден дека таа е подготвена да пристапи кон вооружено востание, поради што се спротивставува на донесената во негово отсуство одлука на Солунскиот конгрес во 1903 г. за кревање востание во Македонија и Одринско во текот на пролетта истата година. Заедно со Даме Греув и други револуционерни дејци успеваат да го одложат прогласувањето на востанието за летото 1903 г.

Во март 1903 г. четата на Гоце Делчев го урива мостот на реката Ангиста-на железничката пруга Солун-Одрин. На почетокот на мај, на пат за средба со водачите на Серскиот револуционерен округ, неговата чета паѓа во заседа во селото Баница, Серско, и по целодневен судир со помоќната потера Гоце Делчев паѓа убиен. Од современиците и од историчарите неговата смрт се смета за една од најтешките загуби на ВМОРО.

Гоце Делчев создава целосна идеологија за ослободувањето на југозападните делови на бугарската заедница. Како вистински апостол, Гоце ги обиколува Прилепската, Одринската и Родопската област-тогаш во областите на Османлиската империја, за да пропагира зошто останатите под власта на империјата треба да се борат за независност.

Неретко бил разочаран од разликите и расположението на своите соборци. Од тоа време останало едно негово писмо до Никола Малешевски:„Поделбите и отцепувањата никако да не не плашат. Реално е жално, но што можеме да правиме кога сите сме Бугари и сите страдаме од една заедничка болест! Ако таа болест не постоеше кај нашите прадедовци, чие наследство е во нас, немаше да паднат под страшниот жезол на турските султани“.

И уште:„Другари, не гледате ли дека сега веќе не сме робови на турската држава во распаѓање, туку сме робови на европските Големи сили пред кои Турција ја потпиша својата капитулација во Берлин. Затоа треба да се бориме за автономијата на Македонија и Одринско, за да ја зачуваме нивната целовитост како една етапа за нивно идно присоединување кон заедничката Бугарска татковина“.

Сличностите меѓу ослободителните идеологии на Гоце Делчев и Васил Левски стануваат предмет на проучувањата на британската историчарка Мерсија Макдермот, која ја пишува „Слобода или смрт. Биографија на Гоце Делчев“. Во запис на Златниот фонд на БНР, Мерсија Макдермот ги споделува своите мотиви за пишувањето на книгата.