Електронското издание на софиски „Сега.бг“ најде оригинален начин за илустрирање на свој текст посветен на недоразбирањата и нивното надминување меѓу Бугарија и Македонија.
Во центарот на вниманието на текстот се наоѓа досегашната бугарска политика кон Македонија и најавениот француски самит за јуни догодина, посветен на односите меѓу ЕУ и Западен Балкан, на кој се очекува да биде тргнато ветото на Софија за почеток на преговорите за членство на Македонија и Албанија во Унијата.
Но, за текстот е искористена илустрација со претседателот Стево Пендаровски и неговиот труд, кој е насловен како „Бугарин-националност или професија: Политиката на Република Бугарија за издавање на двојни државјанства на македонски граѓани-Политички консеквенци за Република Македонија“.
Сега се поставуваат прашањата колку докторатот на претседателот Пендаровски може да биде искористен во актуелните меѓудржавни односи, дали Бугарин е националност или професија, па во зависност од тоа дали тие „заслужуваат“ место во нашиот Устав, дали неговите тези ги има искористено и посебно нагласено во разговорите со своите бугарски соговорници, особено со колегата Румен Радев, кој во центарот на вниманието ги стави човековите права, наместо историјата, и на каков одѕив наишле тие?
Или, пак, трудот на Пендаровски, од оваа временска дистанца, има значење на шегата од времето на едноумието, кога како најчеста тема за докторатите на „самоуправната интелигенција“ беше „Улогата на босанскиот коњ за време на Втората светска војна“!?
Comments are closed for this post.