Денеска ќе се одржи редовен годишен состанок на министрите за внатрешни работи на ЕУ и на регионот, кој, според очекувањата, се смета за клучен за миграциските прашања, со оглед на важноста на балканската рута за барателите на азил. Минатиот месец Унијата го презентираше новиот Пакт за азил и миграција на ЕУ со надеж да се надминат досегашните несогласувања помеѓу земјите членки на ЕУ за градење заедничка европска политика на азил и миграција.

Но, тоа што е важно за Македонија е дали Бугарија ќе ја отстрани блокадата и ќе дозволи потпишување на договорот со Фронтекс на македонски јазик. Бугарија е единствената земја, која се спротивставува на потпишувањето на договорот.

Според Фактор. бг, македонскиот јазик е единствената причина, поради која Македонија не може да го потпише договорот. Тоа за порталот, како што пишува, го потврдил и портпарол на Европската комисија.

Пред неколку дена еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон изјави дека комисијата е во постојан контгакт со бугарските власти „за да се најде решение“.

Како што се наведува во Брисел, соработката со земјите од западен Балкан е клучна не само поради тоа што се наоѓаат непосредно на надворешните граници на ЕУ, туку и затоа што имаат перспектива на полноправно членство во заедницата. На состанокот кој ќе биде виртуелен ќе стане збор и за договорите со Фронтекс за гранично управување, организираниот криминал и трговијата со луѓе.