Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција доби официјално известување од Обвинителството на Кнежевството Монако дека постапило по барањето за меѓународна правна помош во предметот за доделување на концесијата за центрите за дијализа во Република Македонија.
Обвинителството соопшти дека на надлежниот јавен обвинител, кој од оформувањето на овој предмет е во постојана комуникација со Обвинителството на Монако, ќе му биде испратена целокупната документација која е поврзана со предметот што се истражува во Македонија. Ообвинителството од Монако во известувањето потврдило дека судија претседавач на Судот во прва инстанца на Кнежевството Монако постапил по барањето за привремено замрзнување на банкарска сметка.
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција во соопштението потсетува дека во рамките на постапката во предметот за доделување на концесијата за центрите за дијализа во Република Македонија, беше утврдено дека правното лице-концесионер на центрите за дијализа е отуѓено. Притоа се потсетува дека финансиските средства од продажбата во износ од 8.281.000 евра беа префрлени на сметка во Монако и дека е поднесено барање за нивно замрзнување, додека 3.275.000 евра се замрзнати на сметки во банки во Македонија.
Македонските власти претходно ја блокираа сметката на сопственикот на „Диамед Македонија“, Ристо Новачевски, кумот на Никола Груевски, кој ги имаше приватизирано деветте центри за дијализа во државата. Десет милиони евра, што биле добиени од продажбата на фирмата „Диамед Македонија“ биле префрлени во Монако, по што македонските надлежни институции ја замрзнаа сметката на сопственикот за 10 милиони евра.
Фирмата „Диамед Македонија“ ја купи „Дијаверум“, кој со центрите за дијализа ќе оперира до 2034 година.
Comments are closed for this post.