Повеќе од 170 документи, дипломатска кореспонденција на романската дипломатија во периодот од 1880 до 1900 година се објавени во првиот том во избор на амбасадорот, Благој Зашов кој беше промовиран денес во Дипломатскиот клуб во Скопје.

Во изјава за ПресингТВ, Зашов вели дека анализирајќи ги документите од пред повеќе од 200 години со денешните состојби можеме да „кажеме дека историјата се повторува, не целосно, но во некои елементи да“.

Зашов, поранешен амбасадор во Букурешт, од морето дипломатски документи, издвоил 176 единици кореспонденција, повеќето доверливи депеши, информации и инструкции во труд насловен „Романски дипломатски документи за Македонија 1880-1900“. За во иднина се најавуваат уште четири тома со што ќе се заокружи целосното истражување и преведувачката работа на амбасадорот Зашов за архивата на романската дипломатија.

Со издавањето на овој вреден труд, Државниот архив на Македонија пополнува уште една празнина од историското минато поврзано со документите објавени од странски архиви. Претходно Архивот ги објави документите од Турција, Франција, Германија, Австрија, Италија, Велика Британија и Србија.

На промоцијата беше истакнато дека Романија почнала да се интересира за Македонија уште кога била вазална држава во Отоманската империја, а пред се заради „откривање на Власите“, а тоа е и причина да испрати свои конзули во Солун, Битола, Јанина, во Гравена и во други места.

Инаку, станува збор за период многу важен за Македонија, кога стануваат се поагресивни пропагандите, особено на Грција и на Бугарија, период кога зајакнува македонизмот и кога сите се заинтересирани, како и Романија, за големото востание кое било во подготовка.