Лидерот на Независни Грци (АНЕЛ), Панос Каменос е во право кога тврди дека договор меѓу Македонија и Грција за името не може да има без потписот на претседателот Ѓорге Иванов на Преспанскиот договор, вели за Пресинг ТВ, д-р Јован Донев, член на Советот за национална безбедност на Република Македонија.
-Без указот на претседателот Иванов договорот не може да има правно дејство. Токму за тоа зборува Каменос, а верувам дека за ова добро се брифирани и грчките пратеници. Ова добро го знаат и во Европската комисија, но, сепак, најмногу штета од ваквата состојба име и ќе има Република Македонија. За жал состојбата е таква и не знам зошто Владата не собра сили за да го надмине овој проблем. Сепак, да почекаме и да видиме како ќе се гласа во грчкиот парламент и што потоа ќе следува – вели Донев.
Лидерот на „Независни Грци“ пред најавеното гласање на Договорот од Преспа го повтори својот став дека доколку тој не биде потпишан од претседателите на двете земји договор не може да има.
Според Каменос, доколку претседателот на Грција Павлопулос го потпише Преспанскиот договор кој не е потпишан од претседателот на другата страна ќе учествува во уставно прекршување.
„Премиерот Заев веќе го прекршил договорот, кој во секој случај не може да влезе во сила бидејќи нема потпис на претседателот на БЈРМ … кога претседателот на друга земја не се согласува, не може да се потпише договор“ – вели Каменос, пренесе вчера Катимерини.
Без потписот на Иванов практично Преспанскиот договор е на климави нозе и тој може да биде сериозно нападнат и на домашен терен, доколку на некои наредни избори убедливо победи некоја друга политичка опција. А, тој Договор може сериозно да биде предизвикан и во Грција.
-Мислам дека е повеќе од сигурно дека лидерот на Нова демократија, Киријакос Мицотакис, ќе стави сериозни блокади. И под претпоставка дека во почеток нема да тргне да го урива Препспанскиот договор, тој најнапред ќе постави блокада на некое од поглавјата кое евентуално би го отворила Македонија со ЕУ – смета Донев.
Comments are closed for this post.