Живееме во време невреме, во страв и домашен карантин, социјално изолирани од надворешниот свет каде излегуваме ограничени во времето и движењето. Чувството е како да пливаме под вода, ограничени во погледот, движењето и времето, а потоа набрзина излегуваме на површина да земеме воздух, т.е. се враќаме во своите домови каде може слободно да дишеме. Го поминавме првиот долг викенд со полициски час, а сега ни претстои уште еден продолжен празничен викенд дома. И така седиме, чекаме и се надеваме дека оваа здравствена криза брзо да помине.

Барем така уверуваат властите. Но здравствената криза со корона вирусот преминува и во економска криза. И за да не биде здодевно, очајно и депресивно времето во карантин се сетив на еден стар, но добар виц за таткото вампир кој го учел малото вампиче како да цица крв давајќи му совет да оди од човек на човек и по малце да цица крв.

Но малото вампирче зачудено го прашал таткото вамир зошто да прави така, кога може им ја испие целата крв на луѓето. На тоа, таткото вампир му одговорил на малото вампирче: „па сине, ние сме вампири, не сме банкари“! Е така, во ова време невреме банките што заработуваат на грбот на граѓаните, место да помогнат во оваа тешка ситуација, тие уште толку го цицаат народот.

И ајде ова лошо време со вирусот ќе помине, ќе треба пак да нурнеме во надворешниот свет и да се соочиме со реалноста, или со новата ралност. И деновиве ретко може да се слушне изјава на политичар од висок профил како господинот Александар Николоски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ кој што влегува во војна со банките, а во корист на народот во оваа тешка ситуација кога банките без никакво чувство за солидарност го цицаат народот во ова кризно време.

Вистината е дека се наоѓаме во здравствена криза која набрзо ќе се претвори во економска криза за сите и ќе биде далеку временски подолга од оваа светска пандемија. На крај, економската криза ќе ја почувствуваме сите, така што апелот до банките на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, господинот Николоски доаѓа во вистинското време дека сега е моментот да банките им помогнат на граѓаните и бизнисот, а на тој начин да си помагаат и себе во иднина.

И работата е сосема едноставна, ако народот и бизнисите немаат пари, тогаш ниту на банките нема да има кој да им плати за нивните услуги. Банкарската олигархија во државата одлучи да банките го пролонгираат рокот за отплата на кредитите и за тој период да наплатат поголема камата, а наместо да им помогнат на граѓаните со што ќе ги укинат каматите или барем да ги намалат.

Банкарите глумат лудило или имаат кратка меморија како аквариумски риби, па како да забораваат дека години наназад заработуваат токму на грбот на граѓаните. Високите камати за кредитите и ниските камати за штедните влогови години наназад им обезбедуваат на банките да прават огромни профити од сите нас.

И токму сега кога нашата земја е во здравствено-економска криза, и веќе онака кревката економија што може да води кон рецесија и неизбежна сиромаштија, сега е време за банките да ги намалат каматите за време на грејс-периодот на отплата за граѓаните кои се справуваат со финансиски потешкотии.

Но, она што вистински може да го видиме е дека банките продолжуваат да печалат на грбот на граѓаните дури и за време на пандемија, наместо да помогнат и да бидат солидарни со граѓаните.

Банкарите, вампири да беа, пак немаше да бидат така жедни како нашава банкарска олигархија! Од корона вирусот се пазиме, носиме заштитни маски и ракавици, но како да се пазиме од банките што сега во услови на криза уште толку повеќе заработуваат на нашата мака. Не се вамири, но се банкари со вампирска жед!