Советот на јавни обвинители го доби извештајот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за сите досега преземени активности во предистрагата и истрагата за „Рекет“, меѓу нив за мерката притвор што и беше одредена на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која е третоосомничена во случајот, јави МИА.
Обвинителството, кое го предводи Вилма Рускоска, во извештајот прави преглед на настаните и преземените дејствија во врска со досегашните мерки за „Рекет“, за кој осомничени се и Бојан Јовановски алијас Боки 13 и Зоран Милески-Кичеец.
Претседателот на Советот, Коле Штерјев, откако ќе го добие известувањето треба да закаже седница, на која ќе започне постапката за разрешување на Јанева од прв човек на СЈО.
И токму тука, наместо да се поедностават работите, тие одново се комплицираат, што лесно може да доведе до нова политичка криза во државата, чиј правосуден систем е целосно урнисан со случајот „Рекет“. И тоа во период кога сме под посебен мониторинг пред октомври за кога беше најавена одлуката за добивање датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Факт е дека по приведувањето на Јанева, СЈО е обезглавено, неговата судбина нерешена поради застојот во преговорите меѓу власта и опозицијата за законот за Јавно обвинителство, со што требаше да се реши неговиот статус.
Отсуството на политички договор отвара сериозни дилеми дали ќе се оди на чисто бајпасирање на клинички мртвото СЈО со одредување вршител на должноста на неговата шефовска позиција, одново ќе се чека некое „законско мртвороденче“ изгласано на сила во Собранието по теркот на донесувањето на уставните промени или ќе се дојде до политички компромис и конечно консезуално носење на новиот закон за јавно обвинителство.
Според републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, кој се повикува на Законот за јавното обвинителство, во ваков случај треба да реагира Советот на јавни обвинители и да назначи вршител на должноста. Тоа би значело дека замена на Јанева би била некоја од нејзините колеги или колешки.
Од друга страна, претседателот на Советот на јавни обвинители Коле Штерјев смета дека не може да се назначи в.д специјален обвинител без да и истече мандатот на Јанева.
Поделеноста во ставовите на обвинителите не е единствена, зашто постои целосна поделеност и меѓу експертите од правната фела-од професори и адвокати до невладиниот сектор. И таа оди на релација дека нема никаква законска основа за именување в.д специјален јавен обвинител, па преку постапката и процедурата како, евентуално тоа би се извело, до крајните дилеми дали воопшто треба да се груби време и енергија за такво нешто кога веќе треба да се донесе нов зкон за Јавното обвинителство.
Собраниската седница за новиот закон е закажана за 27 август и прашање е дали до тогаш партиските работни групи воопшто ќе се сретнат и евентуално постигнат каков-таков договор. Неофицијално средба ќе има во понеделник, но портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ денес иако кажа дека се работи на тоа да се одржи средба на работните групи власт-опоизиција, датумот не го прецизираше.
Comments are closed for this post.