Попладнево во Кривичниот суд од „Шутка“ беше донесен и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски кој сведочеше за настаните во Собранието од 27 април.

Тој пред Судот изјави дека „не се сеќава точно каде бил непосредно пред настанот“.

Атанасовски рече дека со Нинџа се познава од терената околу две ипол години, односно недела до две пред да стане директор на УБК. Во однос на тоа дали Нинџа бил вработен во службата, Атанасовски се повика на тајност.

На прашање од обвинетиот Никола Митревски-Кољо дали на 27 април контактирале, Атанасовски рече дека не може да се сети.

Одговарајќи на прашање од Судот, Атанасовски кажа дека на 27 април лани бил на работа до 18:30 часот, по што отишол на кафе во центарот на градот, па на ракомет и не може точно да се сети во кое време каде бил. Судијката Кацарска, по ова го праша како може да бил директор на УБК, а да не знае каде бил на 27 април 2017 година, кога се случи тоа што се случи, по што Атанасовски рече, тоа би требало повеќе да знаат лицата од неговото обезбедување.

За случувањата на 27 април дознал кога веќе топлата влегла во Собранието.

МВР формираше кризен штаб за протестите „За заедничка Македонија“ и УБК постапуваше согласно изработената оперативна акција и за тоа има телеграми, рече Атанасовски.

Атанасовски беше уапсен во вторникот и му беше одреден 30 дневен притвор.

Судењето за случувањата во Собранието на 27 април минатата година продолжува в понеделник, на 10 декември, со сослушување сведоци предложени од одбраната откако судечкиот совет на денешното рочиште ги извести дека прифаќа да бидат изведени и листите на докази предложени на 22 август 2018 година.

Одбраната на Митко Чавков предложи двајца сведоци, на Душко Лазаров тројца и Горан Ѓошевски двајца сведоци, меѓу кои Трајко Вељаноски. Судијката Добрила Кацарска ги задолжи обвинетите сами да ги известат предложените сведоци.

Дополнителни сведоци предложи и одбраната на обвинетите Богдан Илиевски – пет сведоци, Борис Дамовски и Јане Ченто по еден и Абдулфета Алими, кој го предлага пратеникот Зијадин Села.

На денешното рочиште своја одбрана даваше обвинетиот Александар Василевски-Нинџа, а на негов предлог беа сослушани и сведоците Дејан Димкоски – Боксер, Веле Петрушевски и Благоја Василевски, како и поранешниот директор на УБК,  Атанасовски.

За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување. Претходно поради влошена здравствена состојба на обвинетиот Сашко Марковски постапката за него беше одвоена и треба да продолжи по еден месец.