Зоран Заев и целото раководство на СДСМ се во длабок очај. Откако Јавното обвинителство и продолжената рака на Зоран Заев, Вилма Русковска ја потврдија веродостојноста на исказот на оштетениот, што излезе во медиумите пред само два дена, целата криминална банда од СДСМ побрза да се заканува со тужби до медиумите, изјави на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Тој додаде дека додека вчера се закануваа кон медиумите, никој од нив не се осмелил да објасни што правеле тие самите на средби со осомничените во случајот „Рекет“, што разговарале, дали и колку пари земале од изрекетираните бизнисмени и најважното, дали и зошто Зоран Заев ја опструирал истрагата. Арсовски потсети дека обвинителката Вилма Рускоска цели четири 4 месеци го имала исказот на оштетениот и не се ни осмелила да ги повика на разговор ниту Заев, ниту Шеќеринска, ниту фамилијата Ременски, ниту пак синот на Катица Јанева, Лазар Јанев, ниту пак никој друг од раководството на СДСМ кој што на било каков начин е инволвиран во целиот случај.“

Да потсетиме дека истата таа Вилма Русковска заради исказ на обвинет во случајот со 27-ми бараше да им се изрече притвор на неколку лица, само заради тоа што беа спомнати во исказ на еден обвинет. Ете ги двојните стандарди на дело. Прашуваме кога ќе биде повикан Зоран Заев во обвинителството и да каже како го штител Бојан Јовановски и зошто ја опструирал истрагата? Кога ќе биде повикана Радмила Шеќеринска да даде исказ во обвинителството што разговарале со Боки 13 кај него дома и што правел нејзиниот сопруг во домот на оштетениот? Кога ќе биде повикана фамилијата Ременски која се заканува со апсење на социјалните мрежи? Кога ќе биде повикан синот на Катица Јанева, Лазар Јанев, и да каже на кој начин ги склучувале договорите за рекламирање на бизнисмените и компаниите со телевизијата, потенцираше Арсовски.

Според Арсовски, истрагата се води многу штуро и многу непрофесионално, но голема среќа е што јавноста врши огромен притисок што побрзо да се разреши. Тој побара веднаш да бидат повикани и да дадат исказ сите инволвирани во случајот „Рекет“.