Епидемијата од непотизам од најтежок вид ја има зафатено фамилијата на пратеничката Тања Ковачев од СДСМ. Мислиме дека на овој случај може дури да позавиди и  Мира Дизел Стојчевска, дури и да биде љубоморна, рече на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Тој прашува:

Дали сопругот на пратеничката Тања Ковачев, Дејан Ковачев без соодветно образование е вработен во АД Аеродромски услуги- Аеродроми на Македонија?

Дали сестрата на истата пратеничка, Катерина Хаџиевска Јакимовска е вработена во УЈП како инспектор за игри на среќа?

Дали зетот за сестра, Бобан Јакимовски е вработен во Водовод и канализација Скопје?

Дали Елеонора Фунду, золвата, односно сестрата на сопругот на пратеничката е поставена како претседател на Надзорен одбор на АД Аеродромски услуги Аеродроми на Македонија каде што работи Дејан Ковачев мажот на Тања Ковачев?

Арсовски вели дека секој ден добиваат писма и пораки од разочарани граѓани од оваа власт која како што истакна,  ја претвори државата во приватна фирма за вдомување функционерски роднини на грбот и на сметка на граѓаните кои плаќаат даноци.