Пратеникот, Љубен Арнаудов, обвинет за случувањата од 27 април во Собранието, кој гласаше за „За“ уставните измени, денеска пред почетокот на рочиштето изјави дека не смета оти некој е предавник и дека не знае кој стои за вчерашното писмо.

Истакна дека не е точно дека имале закани и дека примиле пари.

Ништо не е ветувано за случајот 27 април и затоа не сакам да давам никакви информации. Доаѓаме тука да докажеме дека сме невини. Верувам во судот и тоа што ќе го донесе како одлука ќе го почитуваме и ќе ги користиме сите правни лекови – изјави Арнаудов, кој посочи дека го обезбедува полицијата по службена должност.

Во судот пристигнаа сите обвинети во случајот 27 април. На денешното рочиште предвидено е во судницата да се прегледуваат видеоснимките од собраниските камери направени на 27 април.

Рочиштето ќе биде прво по пуштањето од домашен притвор на тројцата пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Василевски, Крсто Мукоски и Љубен Арнаудов и нивното гласање за уставните измени во петокот во Собранието.

За случајот „27 април” на Основното јавно обвинителство обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.

На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.