Архимандрит Партениј е првиот граѓанин од Република Македонија што ја добива највисоката почесна награда на ЕУ „Граѓанин на Европа“. Но на официјалната страна на Европскиот парламент, поточно на листата на добитници на оваа престижна награда, тој е заведен како да и припаѓа на Бугарија, иако на таблото од свечената сала со фуснота е означено дека Бигорскиот манастир се наоѓа во западниот дел на Република Македонија.
Наградата му беше врачена на свеченост која се одржа во Парламентот на Европската Унија а Игуменот на Бигорскиот манастир бил номиниран од европратеникот од пратеничката група ЕНП/ГЕРБ, Андреј Ковачев.
Во присуство на многубројни европратеници и гости, повелбата за почесниот европски медал на педесетте годинешни лауретати им ги врачи потпретседателката на на Европското собрание, Силви Гијом.
Меѓу наградените се личности и организации од разни општествени сфери, а дел од нив беа и значителен дел припадници на православното Христијанство. Така, добитници на наградата „Европски граѓанин“ беа и неколку добротворни организации од Романија, Грција и Кипар, велат од Бигорскиот манастир.
Од името на наградените се заблагодари највозрасниот лауреат Михаи Сора од Романија, филозоф и есеист, роден во 1916 година, кој нагласи дека имал можност да ја види Европа во урнатини, крв, раскината од војни, поробена од диктаторски режими, и затоа сега многу се радува што ја гледа обединета, со демократски дух.
На табло во свечената сала, поставено беше кусо резиме за личноста на отец Партениј, напишано на англиски, македонски, бугарски, и француски јазик.
Добитникот на наградата „Граѓанин на Европа“ за 2018, Игуменот на Бигорскиот манастир, архимандрит Партениј, веќе две и пол децении интензивно се занимава со хуманитарна дејност, работејќи со социјално ранливи категории, коишто се особено актуелен проблем на денешницата.
На отец Партениј наградата му ја честитаа актуелниот претседател на Европскиот парламент, Антонио Тајани, поранешниот, Ханс Герг Петеринг, заменик-претседателот, Димитриос Пападимулис, како и неколку други политичари од Европската Унија. Со сите нив отец Партениј разговараше за евроинтеграцијата на Македонија и ги замоли да помогнат во тој процес.
Европскиот парламент оваа награда ја доделува од 2008 година.
Comments are closed for this post.