Во последното интревју за Канал 77, премиерот Зоран Заев и бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов, односите и добрососедството меѓу Македонија и Бугарија ги доведоа до апсурдно ниво. Зашто, Каракачанов со изјавата за „противниците“ на добрососедството, кои ги лоцира во македонската „длабока држава“, а Заев со молчењето и идентичниот став во претходното интервју за агенцијата БГНЕС, во целост го легитимираа тој став.

Според нивниот начин на размислување и неселективниот пристап, двајцата директори на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, Виктор Димовски и Еролд Муслиу, треба под итно да поднесат оставки или да бидат разрешени. А, АНБ е под надлежност на премиерот Заев, а Агенцијата за разузнавање под претседателот на државата Стево Пендаровски.

Ова од едноставна причина што двајцата се „основни виновници“ за застојот и не спроведувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу двете земји, поради немање контрола врз ситуацијата и овозможување на делување на „антибугарските“ и „пројугословенските“ „подземни сили“ во општеството. Уште повеќе што сето тоа може да значи и лоша селекција на кадри и тоа веќе како земја-членка на НАТО алијансата.

-Таа конфронтација не ја сакаат обичните граѓани. Таа конфронтација ја посакуваат едни кругови и тие се наоѓаат во Република Македонија. Тоа се луѓето, кои премиерот Заев ги одреди,а пред тоа и експремиерот Георгиевски, како „длабоката држава“. Тоа се оние кругови од бившото југословенско време и целиот живот го поминаа во служба на едни туѓи интереси, создавајќи омраза кон Бугарите, Бугарија и се што е бугарско, вклучувајќи ги и Бугарите, кои до ден денес живеат во Република Македонија. Зашто, тоа не може да се негира, изјави Каракачанов.

Според него, ако, на пример, нашите историчари можат да убедат некој Холанѓанец или Германец дека во Република Македонија нема Бугари, тие не можеле него да го убедат или оние два милиони Бугари, кои живеат во Бугарија и имаат братучеди во Македонија, така што за таа тема е потребен еден нормален разговор.

-Во таа „длабока држава“ бившите служби на југославија, кои се инфилтрирани во целото македонско општество и во пракса можеби го имаат можеби решавачкиот збор, додека тоа не заврши, со југословенски менталитет, извинете, со комунистичка идеологија не може да се оди во ЕУ, тоа е невозможно. Дали комисијата ја води Владата на РМ или Виктор Димовски, шефот на службите? Зашто, тоа што таа го направи последните два дена многу јасно покажува дека историската комисија ја саботира политиката на г-дин Заев, ја саботира и пречи да се дојде до некаква спогодба, рече Каракачанов.

И на овие зборови премиерот Заев не реагираше со ниту еден збор, што значи дека во потполност се согласува со ставовите на Каракачанов.

Но, вината за функционирањето на „длабоката држава“ ни случајно не може да се префрли, како што тоа го прави Каракачанов, само на историчарите од заедничката комисија. Зашто, последниве денови речиси не постоеше институција, која не се јави со став и мислење за бугарското вето, а во одбрана, пред се, на науката и македонскиот идентитет, јазик, култура…

Според таа логика, цела Македонија претставува „институционална длабока држава“?! Почнувајќи од МАНУ, МПЦ-ОА, Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, институтите за национална историја, за македонски јазик „Крсте Мисирков“, и низа други. И сега, сите тие треба да се „прочистат“, а нивните раководства се под директна ингеренција на Владата на премиерот Заев.

Но, тоа што е можеби поважно, која треба да биде линијата според која ќе се врши тоа „прочистување“-антикомунизмот, антијугословенството или антимакедонизмот?! Зашто, сите три одредници за Бугарија и Бугарите се „смртни непријатели“!  И дали за тоа треба или не треба да има санкции?!