Засега нема да се применува мерката задолжителна вакцинација или негативен ПЦР-тест во јавниот сектор, истакна вчера министерот за здравство Венко Филипче, но, како што рече, дополнителна мерка во некоја форма вакцината да биде задолжителна не е исклучена, согласно со искуствата и примерите кои ќе ги даваат други земји во периодот што доаѓа.
-Некои земји размислуваат и за таа мерка, но мислам дека е се уште рано. Додека тоа се осмисли, треба да се види и провери како овие мерки ќе имаат резултат. Ќе видиме каков ќе биде интересот и опфатот за вакцинација во следниот период со оваа мерка за матичните лекари. Спремни сме да носиме и други препораки. Мислам дека, генерално во Европа, ова е нешто што ќе се менува. Некои земји размислуваат вакцинацијата биде задолжителна, но очигледно се уште е рано и потребна е комуникација со граѓаните. Гледано низ призмата на здравствениот систем, најпрактичен механизам ни се матичните лекари, рече Филипче.
Појасни дека заклучиле дека мерката за задолжителна вакцинација или негативен ПЦР-тест во јавниот сектор отвора многу сериозни прашања во врска со казнувањето на тие што нема да прифатат вакцинирање, а од друга страна е и голем финансиски товар. Одредено време, како што нагласи, ќе се согледува дали ќе помогнат апелите од матични лекари за да се стимулира вакцинирањето во државава.
– Финансискиот еднократен надомест од 30 денари по пациент за матичните лекари доколку достигнат и надминат опфат од 70 отсто со вакцинација од вкупниот број пациенти запишани кај нив ќе им биде даден на крајот на пролетта и почетокот на летото следната година, врз основа на постигнатите резултати. Матичните лекари се тие што имаат директен и прв контакт со пациентите и комуникацијата е честа со нив за лекарска услуга, совет итн. И во таа смисла, сметам дека мерката е добро димензионирана и дека реално може да се спроведе. Секако, матичните лекари треба да се свесни колку е важно да се зголеми опфатот со вакцинација, рече Филипче, додавајќи дека мерката е значајна и за државата и здравствениот систем.
Посочи дека некаде најголем број прикрепени пациенти што ги има некој матичен лекар е околу 2500, а просекот е околу илјада, така што, рече, сумата за надомест не треба да се занемари.
– Има различни степени на опфат кај различни матични лекари, кај некои во некои градови дури е веќе постигнат процентот и 70 отсто од прикпрепените пациенти веќе се вакцинирани. Сметам дека ова е мерка на која матичните лекари треба да стават акцент и во интензивна комуникација со пациентите да ја пуштат пораката за важноста на вакцинацијата, рече Филипче по прес-конференцијата на Здружението на луѓето што живеат со ХИВ.
Во врска со загриженоста на компаниите од затворања доколку меѓу нивните вработени се рашири делта сојот или новиот сој омикрон, Филипче одговори дека не би требало да биде опција рестрикција во движење односно карантин сега кога, како што рече, имаме речиси 50 отсто опфат на вакцинирани.
-Но, не знаеме што може да се случи. Затоа е битно да се зголеми опфатот преку ваков тип апели. Од друга страна, што ќе се случи со работници кои не можат да го издржат финансискиот товар, а не сакаат да се вакцинираат. Тоа значи дека истите тие компании ќе треба тие работници да ги отпуштат. Затоа се потребни апели, дури и во големи претпријатија работодавците да апелираат нивните вработени да се вакцинираат, додаде Филипче.
Владата вчера на седница донесе одлука за еднократна финансиска награда од 30 денари по пациент за матичните лекари доколку достигнат и надминат опфат од 70 отсто со вакцинација од вкупниот број пациенти запишани кај нив.
На прашање дали делта сојот е влезен во земјава, одговори дека групата материјали селектирани за секвенционирање ќе заврши во петок и резултатите од секвенционирањето на речиси 50 такви брисеви ќе бидат познати идната недела.
Согласно вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје, за изминати 24 часа при направени 2.674 тестирања, регистрирани се 410 нови случаи на Ковид-19, 10 починати и 290 оздравени пациенти, соопшти Министерството за здравство.
Бројот на активни ковид случаи во државава изнесува 8.110 од кои најголем број 3820 се во Скопје.
Досега во земјата се направени вкупно 1.474.094 тестирања на Ковид-19. Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 215.995, на оздравени пациенти е 200293, а на починати е 7.592
Comments are closed for this post.