Државната комисијата за спречување на корупцијата на денешната седница донесе одлука да предложи кривично гонење за екс-генералните секретари на Владата Драги Рашковски и Мухамед Зеќири, за незаконски ангажирања на лица за работа со договор на дело, и ангажирања преку приватна агенција за привремени вработувања, како и за ангажман на лица за вршење на интелектуални услуги.

Претседателката Билјана Ивановска, нa денешната седница на Комисијата реферирајќи за овој предмет рече дека ДКСК ќе побара кривично гонење за екс-генералните секретари на Владата Драги Рашковски и Мухамед Зеќири, за злоупотреба на службената положба, според членот 353 од Кирвичниот закон.

Ивановска појасни дека Комисијата извршила увид во документацијата и утврдиле дека во периодот 2017-2021 година на име договори за авторско дело и преку приватни агенции за вработување се потрошени 2,5 милиони евра. Во 2018 година биле ангажирани, за потребите на генералниот секретаријат на Владата, 119 лица преку договор за авторско дело и 25 преку приватна агенција за вработување, во 2019 година 103 договори за авторско дело и 32 преку приватна агенција за вработување, во 2020 година – 118 авторски договори и 36 преку приватна агенција за вработување и 2021 – 78 авторски договори и 18 преку агенција за приватни вработувања. Ивановска дополни и дека секогаш се користени услугите на иста приватна агенција за вработување и иста агенција за давање услуги од интелектуална сопственост.

Притоа, рече таа, се користени дискрециони овластувања од страна на генералните секретари Рашковски и Зеќири, со што е загрозена транспарентноста на вработувањата во јавниот сектор, и дека била присутна појавата лица кои претходно биле вработени со авторски договори потоа биле примани во редовен работен однос, претходно стекнувајќи се со предност пред останатите кандидати кои се јавиле на конкурсите.

Ивановски посочи и дека Комисијата дошла до факти дека извршените задачи не соодветствувале со авторски дела, што е уште една основа да постапува Обвинителството.

На одлуката се спротивстави членот на ДКСК Шемси Салаи кој рече дека Комисијата треба само да укаже на појавата, но Ивановска одговори дека било разговарано со обвинители и дека има простор за постапка, и дека на сите договори се потпишани две исти личности: Рашковски и Зеќири и дека е нивна одговорноста за состојбата која довела, рече, до големи оштетувања на буџетот.

Ако владата сака да има заштеди во буџетот, треба да знае како да постапува во иднина. Имаме сомневања за кривично дело и сме должни да постапиме, рече претседателката Билјана Ивановска на седницата.