Антикорупциската комисија на денешната седница одлучи да ги прочешла анкетните листови и дискреционите права на функционерите.

Притоа, ќе се проверува поднесувањето на анкетните листови на актуелните функционери и на тие од минатата власт-пратеници, министри, именувани и избрани функционери, директори на јавни претпријатија… Контролата ќе биде насочена кон (не)почитувањето на законската обврска за поднесување анкетни листови при стапувањето на функцијата и по напуштањето, дали се почитувани или не предвидените рокови, дали пријавеното се совпаѓа со реалната имотна состојба итн.

Антикорупционерите ќе го проверуваат и користењето на дискреционото право околу службените автомобили, станови под кирија, надоместокот за патни трошоци и патарини… Со оглед на обемот на работата предвидено е таа да трае подолго, но целта е, како што објаснија, воедначување на критериумите и добивање конечна слика за тоа како се трошат народните пари, по што би следувале и соодветни законски измени.

Ќе биде поднесена прекршочна пријава против в.д. директорката на Клиниката за хематологија Ирина Пановска Ставридис за неподнесување, односно задоцнето поднесување на анкетен лист за имотната состојба. Пановска Ставридис досега неколку пати била избирана за в.д директорка на клиниката, но не ја почитувала законската одредба, според која, таа тоа требала да го прави и при изборот и при престанокот на секој шестмесечен мандат. Спротивно, таа на 5 мај годинава до Антикорупциската комисија ги доставила сите анкетни листови одеднаш.

Прекршочни пријави ќе бидат поднесени и против декани на низа факултети од повеќе универзитети во земјата.