„Судирот во Словенија и натаму без разврска – Далеку од разумот“,  „Потребно ни е меѓусебно разбирање“, „ЕЗ бара од Словенија итно замрзнување на ‘независноста’“, „Жестоки битки во Словенија“, „Македонија инсистира на мир“, „Седумдесетина заробени војници од Македонија“, „Апел на Владата и мобилизираните да не ја напуштаат Републиката“, „Македонија не може да биде надвор од европската опција“, „Бугарско политичко катадневие – Бугарија има свои интереси“, „Грција страхува од независна Македонија – Цената на ‘југословенската експлозија’“, „На Југославија и се закануваат трагедија и катастрофа“, „Референдум или уставен закон“, „’Прохор Пчињски’ забранет  за Македонците“, „Експедицијата на Жељко Малнар запрена на грчката граница – ‘Александар Македонски’ не може во Грција!“, „Свои на своето“ …

Ова се само дел од насловите во весникот „Нова Македонија“ од јули и август 1991 година, значи само два месеца пред одржувањето на референдумот за независност и осамостојување на Република Македонија од поранешната југословенска федерација, што можат барем делумно да ги отсликаат општествено-политичките и тогаш дадените историски услови и околности во кои тој се одржуваше. Не навлегувајќи во било какви конспирации или теории на заговор, останува непобитен историски факт дека една заедничка држава, по цели седум децении постоење, почна да се распаѓа како кула од карти, а нејзините составни федерални единици, по штотуку воведениот партиски плурализам, да си го бараат сопствениот пат кон самостојна иднина.

Република Македонија, за разлика од сите поранешни ју-републики, успеа да ги избегне трагичните последици на крвавите војни и по мирен пат да го спроведе раздружувањето. Со тоа, практично, тогаш актуелната политичка елита ја промовираше синтагмата за оаза на мирот, што подоцна стана и предмет на дневно-политички пресметки.

Хронологија и бројки

Референдумот за независност на Република Македонија, како мало потсетување, беше резултат на Декларацијата за независност, што првиот повеќепартиски состав на македонскиот парламент ја усвои на 25 јануари 1991 година, а заедно со неа и одлуката за изјаснувањето на граѓаните со утврдениот датум – 8 септември истата година. Оваа, речиси цела осуммесечна луфта од оваа временска дистанца можеби некому ќе му изгледа голема, но само генерацијата, која ја поминала и  преживеала, може да објасни низ какви се стресови, жртви, страдања, неизвесности, стравувања, исчекувања, надежи, желби… ја поминала. Та, нели, по секоја војна, сите генерали се паметни.

Конечно, по многу политички натегања и надмудрувања во парламентот, во август беше одлучено да гласи „Дали сте за суверена и независна држава Македонија со право на влез во иден сојуз  на суверени држави на Југославија“. И, нормално, опциите беа  ДА и НЕ. Самото прашање, во суштина, го одразува крстопатот на кој се наоѓаше и државата и нејзините граѓани, па и стравувањата од тогаш лесните етикетирања за сецесионизам, национализам, пројугословенска, просрпска, пробугарска… определба. А, и тогаш постоеше дилема дали да се оди на референдум или да се донесе уставен закон, зашто сепак постоеше доза на стравување дали расположението на граѓаните е исклучително позитивно.

Говорот на бројките и ден денес останува фрапантен. Од 1.495.807 регистрирани гласачи, на референдумското изјаснување излегоа  1.132.981 граѓани со право на глас. А, од вкупниот број граѓани кои гласале, позитивно се изјасниле 1.079.308 или 95,26 отсто, односно 72,16 отсто од вкупниот број запишани граѓани со право на глас.

Мора да се напомене дека во овие бројки не влегуваат Албанците, кои со одлука на нивната тогашна политичка елита одлучија да го бојкотираат референдумот.

Да, Република Македонија и нејзините граѓани поминаа едно огромно премрежје. Поставени пред тогашниот крстопат, Македонците и нивните сограѓани од останатите националности, подоцна, по конфликтот од 2001 година, уставно именувани како етнички заедници, го избраа вистинскиот пат. Притоа, никој не требаше ништо да им каже, што треба да прават и како да се изјаснат. А, за некаква кампања, од типот со каква што денес се соочуваме, во услови на постоење на една национална телевизија и два дневни весника, не може да стане ниту збор.

Во тоа време дури и анкетите беа новина. За одбележување е, на пример, фактот дека единствено весникот „Вечер“ спроведе истражување од таков тип (моите тогашни колешки Валентина Велевска и Марина Костова), а тоа не го стори ниту една надлежна државна институција.

(Не)прифатлива споредба

Референдумското изјаснување од 2004 година околу новата терторијална поделба на државата, не дека не е или е помалку важно, сепак денес е поставено на сосема друг фон. Клучен елемент тука е бојкотот, зашто тогаш и сега актуелната власт предводена од СДСМ и ДУИ излегоа со синтагмата „Некои прашања не заслужуваат одговор“.

Меѓутоа, значењето и тежината на претстојниот референдум на 30 септември во многу нешта се идентични со референдумот за независност и не случајно во кампањата се презентира како континуитет и нормален след на работите. Акцентот или магнетот се членството во НАТО и стартот на преговорите за конечен влез на Република (Северна) Македонија во ЕУ.

Оттука и едноставното, но клучно прашање – ако во 1991 година огромното мнозинство граѓани знаело што треба да направи, зошто сега, спроти 30 септември, во центарот на вниманието е стравувањето дали воопшто ќе биде исполнет неопходниот цензус за успешен референдум? Одговор побаравме од Милан Талевски и професор Јове Кекеновски, кои пред 27 години се најдоа во улога на едни од главните организатори на прославата на скопскиот плоштад, одржана доцна вечерта, по објавувањето на референдумските резултати.

Тргнувајќи од референдумското прашање, тогаш немаше ваква напрегнатост, притисок кој за што ќе гласа. Беше оставено самата политичка атмосфера да си созрее, а кај учесниците во политиката имаше огромна желба и голема љубов да се успее. Сега се измешаа многу интереси, многу шеми, и внатрешни и надворешни, и како обичен граѓанин мислам дека токму заради тоа е таа исполитизираност. Нема потреба од тоа. Граѓаните си имаат свои проблеми и маки и тие самите ќе си одлучат. Рефлексот од сето ова  ќе се види многу подоцна, вели Талевски.

Професор Кекеновски, пак, смета дека референдумот од 1991 година бил само логичен след на тогашните настани, а оти сега договорот од Преспа само дополнително го поделил македонскиот граѓанин.

Мислам дека и она, би рекол, насилничко истуркување на ратификацијата на договорот во Собранието, исто така, е причина за недовербата кај граѓаните, а тука е и претседателот на државата, кој не го потпишува законот за неговата ратификација. И од трета страна се политичките партии, сите со свои ставови за договорот, и сето ова заедно внесе конфузија кај граѓаните на Република Македонија, додава тој.

За крај, без оглед на резултатите на референдумот, само една реплика од култниот филм „Мирисот на жената“ во кој Ал Пачино, за улогата на слепиот пензиониран американски генерал во почетокот на 90-тите го доби Оскарот. Бранејќи го својот млад штитеник пред училишната дисциплинска комисија, генералот, меѓу другото, ќе рече:„…Јас не сум од вчера. Некогаш и гледав. Тогаш видов момчиња како овие и уште помлади со  растргнати раце, смачкани нозе. Но, нема ништо полошо од поглед на ампутирана душа. За тоа не постои протеза…“.

Навистина, постојат ли протези за ампутираните души во оазата на мирот?!

Обраќање на претседателот Киро Глигоров:

ПОТРЕБНО НИ Е МЕЃУСЕБНО РАЗБИРАЊЕ“

…Народот сега очекува единство, очекува сите да се свртени кон остварувањето на сите оние цели  кои ги запишавме во Декларацијата за сувереноста на Македонија, во платформата за преговорите, во сите оние иницијативи што ги даваме на домашен и меѓународен план да успеат, а не да бидат поткопувани однапред. Да кажам, за жал, многу ви е добро позната  тешката историја на македонскиот народ, неговата поделеност и поделеноста на неговите водачи во многу трагичните настани од нашата историја, служењето на други, чувствувањето дека се што доаѓа од надвор е повредно и подобро отколку сопственото сознание, сопствената памет, сопствените одлуки за сопствената судбина. Јас се надевам дека  тоа ќе биде  само една мала епизода од која пак сите во Македонија, и партиските и другите чинители, ќе извлечат соодветна поука…