Кога станува збор за влезот во ЕУ ние сме многу разочарани што Бугарија одлучи да го блокира почетокот на преговорите. Во повеќе наврати го кажавме тоа. Сепак, го гледаме како позитивен знак тоа што Македонија и Бугарија продолжуваат да расправаат за билатералните прашања да се стават надвор од процесот со цел напредок во тој поглед. Ние и понатаму ќе се залагаме и ќе даваме поддршка во насока тие прашања да останат настрана од процесот на пристапни преговори, бидејќи тоа ќе овозможи напредок, вели американската амбасадорка, Кејт Брнз.
Во гостувањето на „Само интервју“, Брнз истакна дека решението на билатералните прашања ќе се постигне со билатерален дијалог.
-Мора на тој начин. И понатаму ќе се залагаме, ќе се бориме и ќе ја поддржуваме Северна Македонија да ги почне преговорите за ЕУ, ќе продолжиме да ја застапуваме билатералните прашања да бидат надвор од преговорите, рече амбасадорката.
Таа оцени дека бугарското вето нанесува штета на повеќе нивоа, меѓу другото, предизвика и сомнеж кај народот во кредибилитетот на ЕУ и нејзината посветеност кон проширување.
-Мислам дека тоа ја отвори вратата за дезинформации. Затоа е важно тоа да не се дозволи. Поважно е да се има на ум дека што и да се случи, најважните односи за земјава се со ЕУ и НАТО и ништо нема да ги замени, посочи Брнз.
САД, додаде, но и Бугарија, долго време се залагаа за интеграција на Западниот Балкан и во НАТО и во ЕУ.
-Сметаме дека сите сме членови на семејството на НАТО и во заемен интерес ни е напредокот во процесот за влез во ЕУ. Ние изразивме надеж дека процесот за влез во ЕУ ќе продолжи што е можно побргу и сите билатерални спорови треба да се разрешуваат надвор од процесот на пристапни преговори, нагласи Брнз.
Одговорајќи на прашања за повеќе актуелни теми, амбасадорката потенцира дека има потполна доверба во Влада дека ќе успее да постигне прифатлив договор со Бугарија, како и дека ќе успее да ги спроведе реформите во земјата.
Во однос на опозицијата, нагласи дека треба да биде конструктивна, колку и ставовите да и се спротивни од оние на владејачкото мнозинство, а институциите мора да се почитуваат.
Брнз се осврна и на Преспанскиот договор, истакнувајќи дека беше тежок компромис. Сепак, како што додаде, ефектите се евидентни особено преку зголемената соработка меѓу двете земји на секое поле.
-Тоа беше тежок компромис, знам дека тешко е да се прифати тука и не сакам тоа на ниеден начин да се омаловажи, но ние сметаме дека е важно да се фокусираме на резултатот што се постигна со Договорот. Пред се, разрешувањето на спорот со името и ги отвори вратите на Северна Македонија за влез во НАТО и сега се трасира патот за идните преговори за влез во ЕУ. Исто така е важно да се напомене, не се обрнува многу внимание на тоа што е зголемена соработката меѓу вашата земја со Грција, како резултат на тој Договор. Постои голема соработка во повеќе области, од енергетиката, трговијата, до економскиот развој, што долгорочно е во полза на земјата, рече Брнз во „Само интервју“
Comments are closed for this post.