Алтернатива оценува дека Концептот за основното образование што го предложи Министерството за образование и наука е избрзана и непромислена иницијатива и мора да се запре, за да се изготви во други услови и со општествена инклузивност.

Основното прашање е кој ѝ дава право на министерката, која не поминала ни четири месеци во Министерството за образование и наука, да си дозволи да предложи измена на концептот за основното образование според нејзините лични и идеолошки вкусови без да консултира ниту еден друг општествен фактор.

Со оглед дека образованието е погон за изградба на општеството, не може да се толерира тесен општествен, политички или идеолошки круг да донесе толку важна одлука и истата да ја наметне како стратегија за образованието за целото општество. Во едно плуралистичко демократско општество, какво што сме и ние, за изготвување на ваков предлог мора да се земат предвид ставовите на сите политички и професионални фактори од сите идеолошки средини, но и ставовите на верските заедници, граѓанското општество и другите лица вклучени во образовниот систем“, пишува во соопштението од Алтернатива.

Според партијата, во време кога неуспехот на учебната година е на повидок и во време кога Синдикатот за образование, наука и култура има други многу поскромни и неисполнети барања од МОН, да се брза со ваков предлог, најблаго речено претставува непочитување на работниците во образованието, и второ, висок степен на ароганција кон пошироката јавност.

За Алтернатива, овој предлог е избрзан и непросмислен и како таков, мора да се запре, за да се изготви во други услови и со општествена инклузивност. И, ако ова парламентарно мнозинство сака да го наметне овој предлог на сила, треба да знаат дека ќе биде привремен, сè додека ќе бидат на власт, а со вакви експерименти ќе стане учесник во оштетувањето на образованието, додаваат од Алетрнатива.