Лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети денеска истакна дека пописот закажан за во април ќе се одржи и оти нема никакви причини за негово одложување.

Одговорајќи на новинарски прашање, на свечената академија по повод независноста на Косово во Скопје, Ахмети рече дека предвремени парламентарни избори не се во интерес на државата.

„Што се однесува до предвремените избори сметам дека се организираат во случаи на кризи, нефункционирање на Парламентот, блокирање на институциите, такво нешто нема и ниту во иднина мислам дека нема да има, бидејќи не се во интерес ниту на државата, а ниту и на партнерството во овој случај“, рече Ахмети.

Тој рече дека парламентарното мнозинство функционира во рамките на нормалноста и оти не се разговара за реконструкција на Владата.

Свечената академија во Скопје по повод 13-годишнината на независноста на Косово беше организирана под покровителство на Ахмети. На академијата беа присутни амбасадорите на Косово и на Албанија, претседателот на Парламентот Талат Џафери и други функционери на ДУИ.