Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, по се изгледа не го чита Вистиномер. Тоа може да се заклучи по вчерашната негова предновогодишна средба со новинарите и речиси истовременото објаснување на Вистиномер дека оценката на првиот вицепремиер Артан Груби, кој доаѓа од партиските редови на Ахмети, оти спорот со Бугарија може да се реши за шест дена, а седмиот да се одмара е чист спин.
За разлика од Груби, Ахмети вчера даде многу поширок рок за надминувањето на недоразбирањата со официјална Софија.
–Се надевам дека ова прашање ќе се реши во деновите или месеците што следат, но под услов ниту од нашите, ниту од бугарските власти да не се политизира и да не се вметнуваат емоции затоа што тоа е тема која сама по себе е емотивно прашање, изјави лидерот на ДУИ.
Ваквото развлекување на терминот во денови или месеци е чиста манипулација со јавноста од дневно-политички потреби. Дотолку повеќе што и шефот на државата Стево Пендаровски во своето годишно обраќање пред пратениците побара да не се брза со одлуките, иако првично и тој изјави дека рокот од шест месеци, што го даде новиот бугарски премиер Кирил Петков, е многу долг.
Од вчерашната средба со новинарите останаа забележани неколку работи. Прво, во чие име говори Ахмети? Во името на ДУИ, на власта и на Владата, во името на Република Македонија, во името на македонските Албанци или и во името на Македонците? Ова особено важи за внесувањето на македонските Бугари во Уставот.
-Ние прифаќаме да ја направиме оваа промена и прифаќање на бугарското малцинство, што е право на секој да се изјасни така како што се чувствува. Овој принцип функционирал и ќе функционира и понатаму, изјави Ахмети.
Како тоа еден ист принцип, на кој се повикува Ахмети, може да важи само за македонските Бугари, но не и за Македонците во Бугарија, без оглед на нивниот број? Па, за кого ги носел Европскиот суд за човекови права тие 14 одлуки во полза на Македонците и правото да се организираат? Или за Ахмети нашите сонародници во Бугарија се граѓани од втор ред во земја членка на ЕУ?
Второ, тоа што можеше да се разбере е фактот дека лидерот на ДУИ избегнува да го спомене зборот реципроцитет. А, реципроцитет македонската страна може да бара и за рехабилитацијата на жртвите на комунизмот. Зашто, комунизмот не оставил траги само врз македонските Бугари во Македонија, туку и врз Македонците во Бугарија. Тука, барем, нема никаква улога карактерот на бугарскиот устав.
Трето, речиси идентичната реторика на Ахмети со онаа на министерот за надворешни работи Бујар Османи во поглед на тоа како се грижат за македонскиот јазик, демек исто како да се грижат нивните сограѓани Македонци, не оди на арно. А, ваков заклучок може да се изведе, пред се, од однесувањето на Кастриот Реџепи и Африм Гаши, кои влезот во власта го правдаа првенствено со интересите на Албанците, но не направија ни најмал обид да ги споменат Македонците. Кој не верува, може слободно да провери. Ја споменуваа државата, но не и Македонците.
Ако формулацијата за јазикот од Договорот е прифатлива за Ахмети, зошто до сега не помина во документите на ФРОНТЕКС? Или работата е во нешто сосема друго? А, што е тоа нешто друго треба да одговори самиот Ахмети.
Comments are closed for this post.