Претседателот на ДУИ, Али Ахмети вели дека македонските бизнисмени од албанско потекло биле дискриминирани за време на приватизацијата која се случуваше во Македонија во 90-тите години и затоа сега е редно да се поддржат и стимилираат албанските инвеститори по сите нивоа.

Тој ова го истакна во интервју за емисијата „Balkan Talks“ која се емитува на Еуроњус Албанија, запрашан од новинарот што е тоа што, во овој мандат тие како политичка партија, треба да го направат за подобрување на животниот стандард на Албаците што живеат во Македонија. Нешто за што нема да попуштат имајќи ја во предвид големата застапеност во владиниот кабинет за Зоран Заев, како никогаш до сега.

Ахмети појасни дека како што во нивната 20-годишна агенда го имале унапредување на националното албанско прашање, така го имале и напредувањето на Албанците во полето на економијата.

Ние навистина имаме напредок, за разлика од тоа што бевме пред 20 години. Но на прво место треба да ги поддржиме домашните албански инвеститори. Затоа што албанските инвеститори навистина биле дискриминирани. Навистина, кога овде се правеше приватизацијата во 90-тите години, по прогласувањето на независноста, Албанците беа дискриминирани и надвор од игра. Албанците не учествуваа во приватизацијата и поделбата на државните богатства. И за дваесет години колку што ги имавме во агенда движењата напред за националното прашање, исто толку имавме во агендата и тоа како Албанците да напредуваат во екомски правец. Поддржувајќи ги на сите нивоа, охрабрувајќи ги и стимулирајќи ги, рече Али Ахмети.

Ова, Ахмети го порачува во пресрет на најавите на премиерот Зоран Заев за приватизирање на „Македонски Пошти“, ТЕЦ „Неготино“, „Македонски Железници-Транспорт“, „Еврокомпозит“, „Колска“, македонското државно земјиште.