Советот за реформа во јавната администрација денеска го одржа третиот состанок со цел да се координираат институциите за клучните реформи во оваа област во престојниот период.
На состанокот е дискутирано за буџетските импликации за 2019 година од Акцискиот план на Стратегијата за реформата во јавната администрација, како и за предлогот за воведување нов систем за висока раководна служба. Разгледани се и предлози за следење на именувања и разрешувања, вработувања и отпуштања како алатка која ќе придонесе за департизација на јавната администрација.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, како што соопшти владината прес-служба, ја потенцирал нужноста од забрзување на динамиката за спроведување на хоризонталната функционална анализа на органите на државна управа, агенциите и инспекциските служби од централна власт што ќе овозможи на почетокот од следната година да се започне со имплементација на реорганизацијата.
Министрите за информатичко општество, финансии и труд и социјална политика истакнале дека институциите веќе работат координирано на анализата за изготвување на акцискиот план којшто ќе почне да се реализира од следната година.
Според министерот за финансии Драган Тевдовски, оваа реформа е повеќе од потребна и ќе придонесе да се стави финансиски ред во функционирањето на институциите и органите во државната администрација.
Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу посочил дека реформите кои се прават на централно ниво, ќе треба да се имплементираат и на локално ниво.
Comments are closed for this post.