До денеска до Кривичниот суд во Скопје се пристигнати вкупно 42 барања за амнестија од обвинетите во неколкуте случаи кои се однесуваат за настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година. Едно лице се изјаснило оти нема да достави барање за амнестија, потврдија за МИА од Судот.

Петдневниот рок за доставување на барањата за амнестија истекува денеска. Барањата обвинетите можат да ги доставуваат до Судот лично и по пошта. По истекот на рокот за поднесување на барањата, Судот и Обвинителството ќе имаат рок од пет дена да одговорат кој ќе биде помилуван, а кој не.

Законот за амнестија во четвртокот минатата недела беше објавен во Службен весник на Република Македонија, откако на него беше ставен потпис од претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов.

Македонското Собрание на 18-ти овој месец по скратена постапка со 95 гласа „за”, без против и воздржани го донесе Законот за амнестија за настаните во Собранието од 27 април минатата година.

Согласно Законот, амнестијата нема да ги опфати организаторите, лицата кои извршиле физичко насилство, кои носеле оружје, како и службените лица кои ги пречекорите службените овластувања.

Секој од обвинетите за „27 април” има право да поднесе барање за амнестија, ако смета дека ги исполнува условите пропишани со Законот.

За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.