Со ратификувањето на Договорот од Преспа се стави крај на една епизода од незавршениот мир на Балканот. Со прифаќање и спроведување на одредбите на овој Договор, победници се сите граѓани на двете земји, но и граѓаните од целиот регион, истакна македонскиот премиер, Зоран Заев, во обраќање на трибина со граѓаните на Велес со наслов „Силна економија – шанса со сите“.

Со гордост и со благодарност му честитам на мојот пријател, премиерот Алексис Ципрас, за победничкото гласање во парламентот за Преспанскиот договор.

Упатувам благодарност и на членовите на парламентите на двете земји. На сите храбри жени и мажи кои избраа заеднички да го дадат својот глас со кој победува иднината, глас со кој се стави крај на стравот којшто ни го прикажуваа како несовладлив. Разрешивме спор кој ни го прикажуваа како нерешлив – истакна Заев во обраќањето.

Премиерот потенцира дека со Договорот е верификувано суштинско пријателство и дека се тргнува со уште поголема сила да се зближат граѓаните и народите на двете земји. Како што изјави Заев, иднината нема веќе да се гледа како фатална судбина, туку како заеднички пат поплочен со пријателски намери и со вредности кои произлегуваат од заедничкото европско семејство.

Сите ние добро знаеме дека не беше лесно. Но, беше повеќе од потребно, крајно потребно за двете земји и за двата народи. Нужен влог за децата и граѓаните да ни живеат подобро.

Храбрите граѓани избраа да ги отфрлат сеништата од минатото, и на светот да му дадат Балкан од кој извираат можности и политичка стабилност, место со поврзани соседи и пријателство, зона на економски процут, модел за интеграција.

На Европа и на светот им треба стабилност и соработка за решавање на глобалните проблеми кои се и наши проблеми – потенцира Заев.