Талат Џафери може да остане без местото во претседателството на ДУИ. Членот на Надзорниот совет на ДУИ Муса Џафери најави дека ќе направи внатрепартиски консултации за учеството на претседателот на Собранието во раководството на партијата и дека ќе се испита дали тоа е во согласност со законот и Уставот.

Во оваа појдовна точка прво ќе се консултираме за учеството на претседателот на Собранието во претседателството, од причина што претседателството е извршен орган и дали е тоа во согласност со законот и Уставот, рече Муса Џафери во изјава за ТВ21.

Најавата за преиспитување на учеството на собранискиот спикер во раководството на ДУИ следува по состанокот на Централниот совет на партијата викендов, кој Талат Џафери предвреме го напушти откако искажал забелешки за некои кадровски решенија и не биле прифатени неговите предлози за членови во раководните партиски тела.

Талат Џафери, според ТВ21, побарал поголема застапеност на гостиварскиот огранок на партијата, на што Муса Џафери му порачал дека „Гостивар го има претседателот на Собранието“.

Дека Џафери воопшто и присуствува на партискиот состанок на централниот совет на ДУИ, реагираше и поранешниот амбасадор Оливер Шамбевски кој посочи дека самото присуство на спикерот е противуставно.