Бројот на активни случаи во земјава изнесува 13.412 од кои најголем број или 5858 се во Скопје. Во Тетово има 1184 активни случаи, во Куманово – 898, во Гостивар – 688, во Струга – 620, во Охрид- 590, во Струмица – 565, во Кичево – 483… Според вчера објавените податоци на Институтот за јавно здравје, при направени 4.553 тестирања, се регистрирани нови 464 случаи со Ковид-19, 23 починати и 435 оздравени пациенти.

Досега во земјата се направени вкупно 1.223.054 тестирања на Ковид-19. Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 183.523, бројот на оздравени пациенти е 163.852, а на починати е 6.259.

Министерството за здравство вчера пренесе делови од новата студија на американскиот Центар за превенција и контрола на болести, која, како што се посочува, „јасно ја нагласува ефикасноста на вакцините против Ковид-19 против сериозни болести или смрт“.

Оваа студија е спроведена во период од повеќе од три месеци, испитувајќи ги хоспитализациите и смртните случаи од вирусот Ковид-19 и заклучоците од истата покажуваат дека дури 10 пати е поголема веројатноста невакцинираните луѓе да бидат хоспитализирани, односно 11 пати е поголема веројатноста дека ќе имаат смртен исход од болеста.

Според анализите во раното издание на студијата за состојбата со пандемијата, земајќи го предвид четвртиот епидемиолошки бран и значајното проширување на новата делта варијанта во САД, хоспитализацијата и смртта од болеста доживуваат пад во текот на целиот период.

Центарот за превенција и контрола на болести на САД во својот неделен извештај кој се однесува на морталитетот и морбидитетот укажува на стапките на инциденца, поврзани со ефективноста на вакцините. Инциденцата на инфекција со САРС-КоВ-2, хоспитализација и смрт е повисока кај невакцинираните отколку вакцинираните лица, и според Центарот за превенција и контрола на болести на САД вакцинирањето штити од тешки заболувања од Ковид 19, вклучувајќи го и делта сојот на вирусот. Следењето на инциденцата на Ковид-19 според статусот на вакцинација може да обезбеди рани сигнали за потенцијални промени во ефективноста на вакцината, што може да се потврди преку цврсти контролирани студии.

Вакцините се безбедни и штитат од неконтролирано ширење на вирусот Ковид-19. Сите вакцини штитат од тежок тек на болеста и смртен исход и тие се единствениот начин да се спречи оваа пандемија со која се бориме веќе долго време. Сите студии, анализи насекаде во светот покажуваат значајни придобивки во борбата со вирусот. Само со масовна вакцинација ќе успееме да се извлечеме од Ковид-19 и да се вратиме во нормален и безбеден начин на живеење, стои во соопштението.

Вакцинацијата против Ковид-19 во земјава непречено се одвива на сите пунктови, а во тек е и теренска вакцинација. На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера се вакцинирани вкупно 758.622 граѓани. Прва доза вакцина во петокот и саботата примиле 4.019 граѓани, а вкупно се вакцинирале 23.221 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.381.901 дози вакцини, а ревакцинирани се 623.278 граѓани.

Со последните бројки, 54 отсто од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина и 30 отсто од населението над 18 до 39 години е вакцинирано со барем една доза вакцина. Граѓаните без закажан термин се вакцинираат, во постоечките вакцинални пунктовите низ државата. Децата од 12 до 18 годишна возраст се вакцинираат со согласност од родител, информира Министерството за здравство.