За само две и пол години успеавме да ја вратиме државата во нормала и да ја донесеме на прагот на членството во НАТО и на отворањето на преговори со ЕУ, што е најбрза забележана обнова на државните институции во повоена Европа, нагласи шефот на државата Стево Пендаровски во денешното обраќање пред пратениците во Собранието.

-Во овој законодавен дом, во 2017-та бевме сведоци на трагични настани до кои нè доведе т.н. „заробена држава“. Од тогаш до денес, за само две и пол години успеавме да ја вратиме државата во нормала и да ја донесеме на прагот на членството во НАТО и на отворањето на преговори со ЕУ, што е најбрза забележана обнова на државните институции во повоена Европа. Клучните демократски индикатори – слободата на медиуми, економските слободи, отстранувањето на политичката контрола од правосудството и администрацијата, се придвижија во позитивна насока и тоа го покажуваат сите објективни анализи направени во меѓувреме и кај нас и во странство, рече Пендаровски.

Меѓутоа, како што посочи, генералната перцепција кај нашите граѓани е дека тој прогрес не е доволен затоа што нивните очекувања по десет години автократски режим, со право, беа поголеми.

Широкото граѓанско движење на отпорот кое беше генераторот на демократските промени настапуваше под мотото „Нема правда, нема мир“, но, за жал, три и пол години по единствената, наша, демократска револуција во посткомунизмот, малкумина се убедени дека правдата пристигна. Во редица судски процеси не видовме завршница, некои од најголемите правни случаи застареа на очиглед на сите нас, а, креаторот на режимот избега и од правдата и од државата и притоа, ниту една институција не кажа јавно како такво нешто, воопшто, беше возможно. Врв на лошите состојби во правосудниот систем беше т.н. афера „Рекет“ во која меѓу обвинетите за тешки кривични дела се најде и првата личност на институцијата која беше имено формирана со една единствена цел ‒ да ги гони криминалците, истакна претседателот.

Според него, еден факт не зборува добро за отпорноста на нашиот правосуден систем од надворешни влијанија.

– Безмалку три децении сме независна држава, а, ниту еден висок политичар или преку ноќ збогатен бизнисмен нема завршено зад решетки, а таму требаше да завршат многу повеќе од еден. Општа е перцепцијата кај граѓаните дека само сиромашните, и луѓето на маргини, без релација со некоја власт, одговараат дури и за багателни кривични дела. Затоа и не треба да нè чуди што голем дел од младите луѓе ги воспитуваат т.н. реални шоуа, а нивните идоли не се чесните луѓе ‒ домаќини, со образ и личен интегритет, туку типови од криминалниот полусвет, додаде Пендаровски.

Без намера да навлегува во нечии политички програми и идеи, Пендаровски рече дека сака уште од сега јавно да ѝ порача на следната власт, веднаш по изборите да спроведе прочистување и кај судиите и кај обвинителите, но, прво, кај политичарите.

-И за секого за кого нема логично образложение како со државна плата станал милионер, треба веднаш да следи не оставка, туку кривична постапка, додаде Пендаровски.