Осумдесет години од денот кога беше означен почетокот на Народно-ослободителната војна и заокружувањето на раѓањето на македонската држава се одбележува денеска во земјава. Република Македонија денеска го чествува државниот празник 11 Октомври – Ден на народното востание.
Делегации на државниот врв, општествено-политичките организации, Армијата, борците, дипломатскиот кор и на гостите од странство денеска во 9 часот во Прилеп ќе положат цвеќе пред спомениците на Методија Андонов Ченто, Кузман Јосифовски Питу и на спомен обележјата во Алејата на народните херои, пред споменикот „Жена борец“ и на Могилата на непобедените.
Празникот ќе биде одбележан и во Скопје и во Куманово.
Во Скопје, чествувањето ќе започне во меморијалниот комплекс „Партизански гробишта“ во Бутел во 9:30 часот. На свеченостите во Скопје ќе се обратат потпретседателката на Главниот одбор на Сојузот на борците од НОАВМ 1941-1945, Елена Ј. Грујовска, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и потпретседателот на Собранието Горан Мисовски.
Во Куманово, пред Спомен костурницата во градот, цвеќе ќе положат министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и заменик-министерот за политички систем и односи меѓу заедниците Илхан Рахман.
На 11 октомври 1941 година Првиот прилепски партизански одред го нападна полицискиот участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, а следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред.
11 Октомври е продолжување на слободарските традиции на македонскиот слободољубив народ проникнати во Карпошовото, Разловечкото, во Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување вложени во Балканските војни и во Првата светска војна.
Со одлуката да пристапи кон антифашистичката коалиција државава застана на страната на прогресивното човештво, а против фашизмот како најтемна идеологија од современата историја и најсилна негација на општоцивилизациските и демократски вредности.
Македонскиот народ самостојно се избори за својата слобода. Од првите партизански одреди кои ја почнаа борбата, Народноослободителната војска на Македонија на крајот од четиригодишната војна прерасна во доброорганизирана 110-илјадна армија со воени формации од највиок ранг како корпуси и дивизии.
За време на окупацијата од Македонија беа интернирани 58.000 лица, а покрај злосторствата што окупаторите ги вршеа врз недолжното цивилно население, земјата претрпе и огромни економски штети.
Круна на борбата се одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, со кои се оживотворени повеќевековните идеали за основање македонска држава.
Минувајќи го патот на својот повеќедецениски развој и растеж како дел од СФРЈ, а потоа и како самостојна држава, пребродувајќи го конфликтот во 2001 година, Македонија, денес е полноправна членка на Обединетите нации, членка на НАТО и очекува одржување на првата меѓувалдина конференција која означува старт на преговорите за членство со Европската Унија.
Comments are closed for this post.